Ракомет Селекторот задоволен

Стојановиќ: Задоволен сум од нивото на фокусираност и професионалност кај ракометарите

Стојановиќ: Задоволен сум од нивото на фокусираност и професионалност кај ракометарите

Младата ракометна селекција на Македонија забележе две убедливи победи во првата овосезонска ЕХФ репрезентативна пауза.

Избраниците на Раде Стојановиќ покажаа високо ниво на фокусираност, квалитет и професионалност во двомечот со соодветната селекција на Турција и од Анкара се вратија со победи од 34-19 и 27-23. Токму тоа го забележа и селекторот Стојановиќ, кој не го криеше задоволството од прикажаните игри на своите избраници.

„Оваа ЕХФ недела одигравме два натпревари против Турција и забележавме две победи (34-19 и 27-23). Сите повикани играчи добија шанса за докажување на двата натпревари. Задоволен сум од моменталното ниво на фокусираност, професионалност и атмосфера кои беа видливи на одиграните натпревари.

Во оваа ЕХФ недела би издвоил две работи. Првата е подршката и ангажираноста на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) за одигрување  на овие два натпревари, иако летовите за Истанбул беа откажани. Реагирајќи благовремено успеавме во рок од 24 часа да стигнеме во Анкара преку пренасочен лет од друг аеродром. И втора работа е гостопримството од Турската ракометна федерација  и понудените одлични инфраструктурни услови (Куќа на ракометот-комплекс со сала, сместување, фитнес). Следниот собир на младинската репрезентација на Македонија  е во декември, каде што нè очекува учество на „Турнир Карпати“ во Романија“, рече Стојановиќ.

To top