Колумни

Пет милиони евра за елегантна себепромоција

Македонското претседавање со ОБСЕ, од самиот почеток е пропратено со скандали, корупција и гол ПР за себепромоција на минисатерот Бујар Османи, со убави спотови и фино дизајнирани реклами за социјални медиуми.

Пет милиони евра за елегантна себепромоција

Што доби Македонија со огромните финансиски средства потрошени за организација на истото? Дали успеавме да ја подобриме положбата на државата на меѓународно ниво? НЕ.

Да почнеме по ред…

До претседавањето не сме дошле по ротација, односно автоматизам, туку сме аплицирале и за тоа сме добиле согласност од земјите членки. Но, од друга страна, тоа не претставува некаков посебен дострел на Владата или на нашата надворешна политика. Факт е дека години наназад никој посебно не беше заинтересиран од земјите да го преземе претседавањето на најголемата регионална безбедносна организација. Има повеќе причини за тоа, а губењето на релевантноста по војната во Грузија 2008 година е една од нив.

ОБСЕ која беше формирана заради обезбедување форум за мировни разговори помеѓу Истокот и Западот својот врв го доживеа за време на војната во поранешна Југославија. Од тогаш наваму ОБСЕ грчевито се бори сериозно да се факторизира.

Во констелација на политички ризик, дополнително обременета со војната во Украина, големите сили не покажуваат посериозен интерес да го водат политичкиот процес како претседавачи, туку тоа главно го препуштаат на помалите земји учеснички (како што се Србија, Албанија и сега ние), а самите преферираат да делуваат од втор план, вклучително и врз претседавачите. Немањето ентузијазам за претседавање е поврзано и со финансискиот влог од неколку милиони евра колку што чини едно претседавање и тие очигледно сметаат дека нема добивка што би го оправдало нивното трошење. Имаме ли ние пари како држава да трошиме безмилосно со сето ова што ни се случува на економски план?

Но, можеби поважно прашање е која беше нашата потреба од претседавање токму сега? Во една алармантна состојба во државата, кога не функционираат здравството и образованието, кога владеењето на правото е брутално суспендирано, кога корупцијата од внатре го разјадува државниот апарат а администрацијата секојдневно штрајкува за подобра економска положба, кога добиваме најлош Извештај од Европската комисија во историјата на нашата земја – која е потребата да потрошите пет милиони евра за претседавање?

Второ, нашиот мултилатерален имиџ не е битно подобрен. ОБСЕ Мисијата за лошите ученици и натаму останува во Скопје, тука нема поместување и кај нас веќе се создава некој вид зависност од неа, иако сите земји учеснички кај кои што има таква мисија од петни жили се трудат да ги исползуваат и што поскоро тие да се затворат.

Трето, претседавањето исто така беше идеална прилика за пошироко расветлување на мотивите на бугарските позиции и непринципиелното внесување на билатерални и историски прашања во спорот. Помина нашето претседавање и не само што не видовме ниту една активност која би помогнала да го одврземе јазолот со Бугарија, туку таа тема според членови на македонскиот тим за претседавањето била стриктно забранета. При тоа, не заговарам узурпација на положбата на Претседавач и грубо наметнување на темата, туку упатувам на бројните реални можности што оваа позиција ги овозможува.

Четврто, единствениот мотив да претседаваме лежи во политичките и кариерни амбиции на министерот. Од негов аспект ова веројатно претставува совршена самопромоција за зајакнување на неговата разнишана партиска положба и останување во игра за други високи позиции во државата.

Петто, тимот кој што работеше како поддршка на самото претседавање е приказна сама по себе. Сите се сеќавате на Миле Миленковски, Заменик шеф на македонската Мисија при ОБСЕ, упатен таму без конкурс. Тоа е оној човек кој беше уапсен во Србија, баран со меѓународна потерница за случајот “Ерменска врска”. Понатаму следеше класична партизација, преку назначување на анонимен неискусен дипломат член на ДУИ за специјален претставник на претседавачот за млади, за сега на самиот крај од претседавањето да се влезе во класични коруптивни дубиози.

За да се добие целосна слика за тоа како претседавањето со ОБСЕ е стриктно во функција на личен ПР на министерот Османи, ќе се осврнам на неговата идеја за формирање на Центар на ОБСЕ за медијација, дијалог и помирување во Охрид. Според таа идеја, први кандидати за помирување наводно би биле Азербејџан и Ерменија. Несериозно е да се зборува за помирување на Ерменија и Азербејџан во Охрид, кога знаеме дека тие се во децениски спор и во крвав конфликт во Нагорно Карабах од 1989 година, дека тие се всушност полигон за тнр. Прокси војни на големите сили кои што стојат зад нив. Следствено, доколку едната страна и прифатеше да преговара во Охрид, речиси сигурно е дека другата тоа ќе го одбиеше како пристрасен предлог. Од 1994 година постои Минск групата на ОБСЕ (Минск процес, ко-претседавачи се Франција, САД и Руската федерација). Врв на напорите на ОБСЕ за помирување на Ерменија и Азербејџан. И ОБСЕ Тројката е член на ротациска основа. Каде е тука местото на Охрид?

Со предлог буџет за 2024 година, драстично се намалуваат средствата за млади и спорт, наука, како и за “чист воздух”, повеќе од налудничаво е да се потроши ваква астрономска сума на буџетски средства за себепромоција и фино спакувани скапи спотови.

Доц. д-р Викторија Трајков Кариерен дипломат и стратешки соработник за меѓународна политика на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ

To top