Колумни

„Културњаците“ ќе ви ја скројат капата!

Џабе преку своите директори марионети се трудите да пикнете луѓе, џабе се форсираат проекти кои не проаѓаат, и џабе е омразата за колективниот и платите кон институциите од културата.

„Културњаците“ ќе ви ја скројат капата!

Кој сака, што сака нека каже, ама секторот култура многу често се потврдува дека е решавачкиот фактор за тоа која власт колку ќе опстои.

Се почнува и завршува со културата. Претходната власт се концентрираше на инвестиции, инфраструктура, градби, на настани, и спектакли, но генерално добар дел од кадарот беа заборавени. Немаше признаени звања, унапредувања, а платите без ниски. Но култура имаше! Публиката беше презадоволна, бројни гостивања, гости тука, настани, спектакли. Политичките случувања, силењето на малкумина кон повеќето, плус ликовите од ен-џи-о секторот им ја скроија капата на претходните.

Актуелните паметно изиграа. Од старт ги прифатија барањата на синдикатите, платите се декомпресираа, но средствата за култура останаа исти, дури и се намалија. Нема инвестиции, нема финиширање на градби, нема истражувања, намалена издавачка дејност, вработувањата се сведоа на партиски кадри и администрација која неретко е небитна, што долгорочно ствара проблеми.

Навистина е фасцинантно да сред изборна кампања решиле тикви да садат со нас од културата. Сите им се на улица: шумари, доктори, поштари, студенти, кој ли уште не… ама од „културњаците“ ќе си го добијат. Зошто секоја една власт не сфаќа? Културата има форма на саморегулација. Тука импровизации не проаѓаат, а постојано некој сака да прави.

Во културата не може и не смее со врски. Тука не може рамковно. Поготово кога е врвното во прашање. Секоја импровизација се гледа, се чувствува, се слуша!

Џабе преку своите директори марионети се трудите да пикнете луѓе, џабе се форсираат проекти кои не проаѓаат, и џабе е омразата за колективниот и платите кон институциите од културата.

Ова што си играте мајтап со нас, што немате намера да испочитувате договор, и да исплатите плати, ќе ви се удри од глава, драга моја непочитувана власт! Македонските артисти имаат кредити, имаат трошоци за живот, а вие си подигрувате со нас, затоа што сте неспособни, неодговорни, и сте лажговци. Знаете дека ќе има покачување на минимална плата, а врз основа на тоа следни и порамнување во сфера култура.

Капата ќе ви ја скројат токму „културњаците“ и тоа уште од утре! Со неспособни лажговци нема веќе преговарање!

 

Александар Ристевски

To top