Македонија Колумна на Аџипетров

Откривање на криза: Недостаток на соодветен наставен кадар

Систем кој функционира врз основа на импровизации, не е во состојба да ја оствари својата основна цел, а тоа е да ги образува идните генерации.

Откривање на криза: Недостаток на соодветен наставен кадар

Наставниците имаат директен допир со иднината денес, иднина која ја креирана токму со нивната работа. Секој од нас е надарен од раѓање, но просветните работници се тие кои што ни помагаат да го отклучиме нашиот потенцијал. На кратко, станува збор за наши сограѓани кои многу често имаат улога на локални, национални па и светски херои.

Воспитно-образовниот систем во Македонија во последниот период е во длабока криза од повеќе причини. Прв проблем е намалувањето на бројот на ученици, што води кон формирање на паралелки со помал број на ученици од законски утврдениот, што пак води кон нерационално трошење на средства. Втор проблем е недостатокот на учебници, а и таму каде што истите се достапни, често сме сведоци на бројни пропусти и грешки. За важноста на учебниците сведочи Законот за учебници за основно и средно каде што во член два стои дека учебниците се основно наставно средство и извор на знаење. Понатаму проблем кој е констатиран и во извештајот на Европската комисија за нашата држава е малиот износ на буџетски средства кои државата ги одвојува за образование. Сплет на овие проблеми води кон поразителни резултати кои ги покажуваат нашите ученици на мерењата на знаењата.

Покрај наведените проблеми постои уште еден предизвик кој сериозно се заканува да го турне целиот воспитно-образовен систем во „бездна“, а тоа е дефицитарноста на наставниот кадар. За да биде појасно, дефицитарноста сеуште не е изразена кај секој наставен предмет, но сепак листата на предмети со кои училиштата подолг временски период мака мачат да ги пополнат, денес е проширена со дополнителни предмети чии што реализатори ги нема на пазарот на трудот.

Согласно Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта во членот три е наведено дека истите треба да имаат најмалку четири години соодветно високо образование согласно со нормативот за наставен кадар утврден во наставната програма. Ситуацијата на терен покажува дека веќе нема невработени лица кои согласно нормативот за наставен кадар би биле наставници по математика, физика, биологија, ликовна уметност, информатика, латински јазик, физичко итн. Прашање на време е кога оваа листа ќе биде надополнета и со останати предмети како македонски јазик, германски јазик, историја, географија, хемија итн. Недостатокот на соодветен кадар кој би реализирал настава по наставните предмети, а со цел да не се прекине воспитно-образовниот процес не води кон ангажирање на лица кои согласно нормативот не ги исполнуваа условите.

Систем кој функционира врз основа на импровизации, не е во состојба да ја оствари својата основна цел, а тоа е да ги образува идните генерации. Ова е причината поради која се потребни итни промени во овој дел, а во насока на стимулирање на кадар кој би се образувал за да образува и да создава иднина која пак ќе го направи нашето општество подобро. Кога на пазарот понудата на некое добро паѓа, цената мора да се зголеми. Ова значи дека јавната перцепција која често е на став дека наставниците постојано нешто бараат е грешна, а реалноста вели дека нивниот труд во моментот е потценет. Ова е причината поради која што е неопходно наставниците да добијат зголемување на плата според колективен договор, обуките и стручното усовршување да им се достапни, а напредувањето во звања согласно закон да им биде гарантирано право. По реализирање на овие мерки, потребна е активна соработка со високо-образовните установи, каде што на катедрите ќе се отворат соодветни модерни насоки, а на идните студенти би им се промовирале поволностите на просветната работа. Создавајќи атрактивни работни места, каде што вработувањето по дипломирање на некој начин би било загарантирано значајно би ја подобрило состојбата на пазарот на труд кога станува збор за наставен кадар. Зголемувањето на понудата би го вратила системот во баланс, така што никој во општеството нема да биде потценет или преценет, а наставниците на нашата иднина ќе добијат соодветно образование.

Автор на колумната е Роберт Аџипетров

Раководител на одделение за образование во општина Штип

Најнови вести од Македонија

To top