Колумни

Лошите политичари ги избираат добрите луѓе кои…

Лошите политичари ги избираат добрите луѓе кои…

И векови потоа, мислата на маестралниот писател и општествен кртичар Семјуел Л. Клеменс алијас Марк Твен е толку пластична, опиплива и жално вистинита. Подобар доказ од Македонците, тешко дека ќе најдете. Да, дефинитивно, ЛОШИТЕ ПОЛИТИЧАРИ ГИ ИЗБИРААТ ДОБРИТЕ ЛУЃЕ КОИ ОСТАНУВААТ ДОМА НА ИЗБОРИ. Емпириски докажано во експериментот „Македонија“…

И не, не само дома, стана тренд  на избори да се „тркне“ до Грција, кафаните се преполни, излетничките места крцкаат. Разбира се, Македончето не дозволува слободен ден да мине така бадијала, та во најмала рака ќе закоси, ќе залее некоја чашка, ќе фрли некое мевце на скарата. Ако има останато некој денар, де, ако неќе тера „на суво“. Нека пукнат душманите…

И сето тоа би било во ред, слободна земја сме, или пак цикличен хибриден режим некој станавме, не е битно. Битно е што од Референдумот навака, една група лути и бесни Македонци си го сфатија бојкотот како константа, како обврска, како средство за покажување непокор, инает. Се изнаслушавме и изначитавме: „Не гласам! ММЕ! И точка! Они мене, ајт таму! Ја мој глас не давам за оваа вукојебина! Нека се обесат ама за северна не излегувам, никад! Никогаш Северна, секогаш Македонија!“

Ах, а не разбират или не сакаат да разберат дека по по таа инаетџиска логика на Македонецот, уште малку и на чело ќе ни го тетовират тоа на „С“, дека мина времето за бојкот и практикување граѓанска непослушност. Време е за акција, можеби и крајно. Секои избори со ваква бојкот и мрчаторска тенденција само ни го намалуваат просторот за враќање не Македонија каква што ја знаеме. Времето не се враќа назад, а сега не врви баш во наша полза. Да бидеме фер, не требаше да го практикуваме бојкотот ни за Референдумот за името, да не се лажеме. Со такви потпушувачки и октроирани кондоми поставени само за таа цел, требаше да кажеме НЕ! Ја знаете поговорката за говнарот и шипката. Требаше, нужно беше едно јасно и гласно, не со запирки, не со „пола уста“, во наводници или меѓу редови. Вистинско, горопадно, громогласно НЕ! Тогаш, ја утнавме, да не се гордееме со Пирова победа и битка која тогаш ја изгубивме. Да, ок, новите времиња носат друга битка и аргумент дека бојкотот беше НЕ! за идно поништување на глупандерското северџганистанско злодејание и капитулантска преспанска капитулација , но тоа е друга тема…

Луѓе, ни „легна“ муабетот дека сме пиреј и дека сме неуништливи, та така седејќи по дома и штракајќи по компутери или јадејќи бубрези по кооперации и биртии ќе ја оправаме Македонија. Забораваме ли дека новото време носи и нови анти-пиреј пестициди, дека не снемува полека, ајде да престанеме да се крстиме во пирејот и да направме нешто околу опстанокот. Да не се лажеме, пирејот е инванзивна билка која за градинарите е „на Господ белјата“, не затоа што лежи и чека да ја сотреш, туку се бори како луда, освојува терен, ќе ја најдеш среде два камена, во бетон израсната, дерман нема од неа. Пирејот е борец. А борбата значи акција…

Имаме/имате шанса да докажеме дека стравот е завршен, дека никој не им се плаши на Котињата, со едно заокружување да им ја заокружите и судбината и иднината во опозиција и други државни институции со високи ѕидини.

Нашиот, вонвременски и мега-маестрален  Горан Стефановски напиша: „Знам дека ме има, според нападите со кои работат да ме снема. Знам дека сум, според упорноста со која се трудат да не сум.“

Ајде, да не им го правиме ќеифот на тендерашите, та утре и за 14 дена со многу гордост, конечно и за промена свои на своето со полни гради и со полно право да викнеме: МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА!

Да, тажна вистина е дека ние и кога би се вратиле 40 години назад, би отишле 50 години напред. Да го промениме фактот на грдото скојдневие кое вели дека пола Македонци отидоа да живеат во туѓа држава, а другата половина останаa да живеат како во туѓа држава…

To top