Втора недела по ред, нов оксиморон „ора“ на македонската сцена. ДЕЗИНТЕГРИРАНИ ИНТЕГРАТИВЦИ, кои во стилот на чесниот крадец и скромен нарцис Груби, така Нежно ја растреперија душата на Македонецот. Чин, така насушно потребен по седум години аздис, ароганција на „тони“, бескрајни понижувања, арамилак без усул, тендерисување, грантисување и газење по националните светии и историја.
Атакот врз арамиската банда на ДУИ, било политичка или мафијашка, зачинета со редица социјалдемократски врховници стори милозвучен атак врз сетилата на народот, кој со голем ќеф го дочека падот на оние кои скоро деценија летаа толку високо. Суртуци, кои ја заборавија онаа народната за оние кои високо летаат, па потоа ниско паѓаат. А тој, народот, никогаш да не ти грешел. И би, онака како што мораше да биде. Како што вели суверенот…
Кој само би рекол пред половина година, море пред две недели, дека „недопирливиот“ Груби, синонимот за ароганција и „антачибл“ аздис во државата, ќе се крие како онакво под кошула, ќе бега и ќе мора да биде спасуван од Командантот? Кој, побогу, би помислил дека репрезентот на оние за кои сите мислеа дека ќе ги штитат до последно, запрашана дали е изненадена од неговиот криминал, ќе рече: НЕ, НЕ СУМ ИЗНЕНАДЕНА. ЗАДОВОЛНА СУМ. Да, така рече Агелер. Уште да заиграше од среќа. Иако, ова беше еден збор, илјада слики. ЗАДОВОЛНА. Точка.
Да, САД му стави точка на Груби, кој и до последно се чаламеше. Знаете, исто ко волкот, така и политичарот ја менува кожата, но карактерот никогаш. Во овој случај ароганцијата и бескрајниот чалам. По „приватната“ посета на Косово, изведена 10 минути пред полицијата да упадне кај него дома, сето тоа благодарение на предавниците и кодошите во редовите на полицијата, Артан во свој стил свика по новинарите: „Престанете да шпекулирате! Веднаш што ги завршам обврските, ќе се вратам дома при моето семејство!“ И? Ќе го исполни ли ветеното, откако ја искара цела јавност? Јок.
Да беее, тој чаламски вака свика пред да излезе случајот со лотарија. Статива. Веројатно, инволвираноста „само“ во мито и корупција во судски спор со Беџети и не била така страшна за Груби?! Ама, би и Лотарија, таксират. Се прецени, исто ко келнерката со кафето во вицот со Црногорецот, кој сака кафе силно ко него, слатко ко неа. А, откако таа ќе го направи, пробува и со намрштена фаца враќа: ЈЕЛТЕ, МАЛА, А ДА СЕ НИСИ МАЛО ПРЕЦЈЕНИЛА?
Така, „веднаш-враќачот“ инстант се пишмани и следниот ден пушти абер дека ќе се врати, ама во домашен притвор, не во Шутка. Никако. За да и по таа статива и неуспешно ценкање го „повика пријателот“ да го спасува. И така, Ахмети дојде во Приштина. Оти, Курти многу не го милувал Артан, па Али морал да подмачка за да некој „скубне“ од законот, можеби во Албанија?
Интересно, по американската мега-шлаканица, никој, ама ич, не се потресе од присуството на Алија на Косово, местото каде што пред 23 години ја почна антимакедонската кариера. Она, црно лето Господово 2001-во. Напротив, сега ефектот беше контра. Седи, кец. Море, помножи со нула. Го гледаа како искаран основец во магарешка клупа. Или, испратен во ќош. Така, сите удрија на сеир и заебанција.
По очебијната дезинтеграција на интегративните апаши, логичкото прашање кое се постави е: -Абеее, и Ахмети да не е во „приватна посета“ како десната рака му Груби? Да не му дошепнал некој нешто на „командантот“, па и тој ќе си поседи на Косово?
Да, се смени наративот. Атмосферата башка. Не требаше многу. Оти, по понеделничната мега-акција на три нивоа на МВР во комбинација со ултра-шлаканицата на САД до довчерашните пулени, се почесто се слуша реченицата: СЕ’ Е МОЖНО, т.е. – Никогаш не вели никогаш.
Чуму тогаш, да не очекуваме да паднат и шефовите, не само измеќарите како Груби, Ковачевски, Парпарим, Коста Петров, Беџети, па пак Ковачевски (Васко), па…
Продолжете ја сами низата. Ќе има ли контиунитет со Зоки, Али, Вице, Кочо, Муса, Димитров, Пуцко, Бучко, Бујар, Бисера, Теута, Сања… Токму „прворангираниот“ едно време тупеше со „ТИК-ТАК, ТИК-ТАК, ТИК-ТАК“, ви текнува? Време, кога „бомбашите“ не веруваа дека оној кој со бомби си игра…
Туку, таман сме и во „сезона“ на к-15, па не е на одмет да се потсетима на една нумера, склепана токму од екипата на легендарните К-15. Толку соодветна за деновиве и „дешавкиве“…
Одеше вака:
“Кругот е малечок, а во него сме сите,
и бате Кире, бате Лазе, бате Мите,
чекаат ред за вода, ред за воздух сите,
„природата“ ни враќа,
избројани се… деновите”
И, пак, оној пустиот што секогаш е во право, НАРОДОТ, ја погоди.
Она, кој на друг гроб му копа…