Свет ОН укажува

Палестинската економија уништена од војна

Во израелското бомбардирање на Појасот Газа и копнената операција што започна подоцна, според податоците на локалното министерство загинале повеќе од 10.800 луѓе, меѓу кои и околу 4.400 деца.

Палестинската економија уништена од војна

Бруто домашниот производ (БДП) падна за четири отсто на Западниот Брег и Појасот Газа во првиот месец од војната Израел-Хамас и повеќе од 400 илјади луѓе паднаа во сиромаштија, укажува ОН.

Вакви економски последици, се додава, не беа забележани ниту во конфликтите во Сирија и Украина, ниту во некоја претходна војна меѓу Израел и Хамас.

Повеќе од две третини од 2,3 милиони жители на Газа ги напуштија своите домови откако Израел започна жестоки воздушни напади, а потоа и копнени операции, ветувајќи дека ќе ја уништи исламистичката екстремистичка група Хамас, која владее со територијата, пренесе Бета.

На 7 октомври, Хамас ненадејно го нападна југот на Израел и со поддршка на ракетни напади, беа убиени повеќе од 1.400 луѓе, главно цивили, а околу 240 заложници беа одведени во Газа.

Во израелското бомбардирање на Појасот Газа и копнената операција што започна подоцна, според податоците на локалното министерство загинале повеќе од 10.800 луѓе, меѓу кои и околу 4.400 деца.

Проценката на Програмата за развој на ОН и Економската и социјалната комисија на ОН за Западна Азија е првиот извештај на едно светско тело што ги покажува разорните последици од војната, особено за Палестинците. Доколку војната продолжи, ОН предвидуваат дека палестинскиот БДП, кој пред почетокот на војната изнесуваше 20,4 милијарди долари, ќе се намали за 8,4 отсто, што е загуба од 1,7 милијарди.

Ако трае трет месец, БДП ќе се намали за 12 проценти со загуби од 2,5 милијарди и повеќе од 600 илјади луѓе ќе осиромашат.

Помошникот генерален секретар на Програмата за развој на ОН Абдала ал Дардари рече дека загубата од 12 отсто на крајот на годината би била без преседан.

Украина изгуби 30 отсто од својот БДП за година и пол, во просек 1,6 отсто месечно.

Во јануари невработеноста во Газа веќе беше околу 46 отсто, три и пол пати поголема отколку на Западниот Брег, каде што беше 13 отсто. Стотици илјади работни места се уништени од почетокот на војната.

-Нивото на уништување во Газа е незамисливо и без преседан, изјави Рола Дашти, извршен секретар на Економската комисија.

До 3 ноември целосно се уништени 35 илјади станбени единици, а делумно се оштетени околу 220 илјади, што е 45 отсто од уништените и оштетени станови. Ако вака продолжи, мнозинството жители на Газа нема да имаат дом, пишува Бета.

To top