Свет Европската комисија

Стано: Очекуваме новата Влада на Србија да работи на стратешката цел за членство на земјата во ЕУ

Србија е земја кандидат за членство и го посочува пристапувањето во ЕУ како свој стратешки приоритет, па Европската Унија и земјите членки очекуваат тоа да го покаже и во пракса, нагласи Стано.

Стано: Очекуваме новата Влада на Србија да работи на стратешката цел за членство на земјата во ЕУ

ЕУ со нетрпение очекува да соработува со новата српска Влада и очекува таа да испорачува резултати во однос на стратешките цели на Србија, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

– Србија е земја кандидат за членство и го посочува пристапувањето во ЕУ како свој стратешки приоритет, па Европската Унија и земјите членки очекуваат тоа да го покаже и во пракса, нагласи Стано, запрашан за коментар за тоа што во новата српска Влада, како што беше посочено, се предложени двајца министри кои се наоѓаат на листата на лица кон кои ЕУ има воведено санкции.

Според Стано, Србија знае што се очекува од неа како земја кандидат за членство во ЕУ кога станува збор за исполнување на критериумите, особено за оние поврзани со надворешната политика и за усогласување на заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.

Кога станува збор за конкретните лица, како што нагласи Стано, активностите и изјавите на предложениот вицепремиер Александар Вулин во минатото биле во спротивност со декларираните приоритети на Србија, кога станува збор за обврските поврзани со процесот на пристапување и односите со Русија.

– Членството во ЕУ е стратешки избор и очекуваме од Србија и нејзината Влада, независно во кој состав, да ја демонстрираат посветеноста на европскиот пат, во интерес на нејзиниот народ и на нејзиниот кредибилитет, бидејќи одлуката да се избере европската интеграција за стратешка цел беше донесена од српските власи. Затоа очекуваме од нив да испорачаат и секој член на Владата да работи на таа цел колку што може, додаде Стано.

To top