Скопје Неофицијално

Арсовска ја презема партијата на Оровчанец, бидејќи не успева да формира своја?

„Нетпрес“ упати прашање до Арсовска дали навистина таа се вклучува во активностите на Нова Алтернатива, какви се нејзините планови, односно дали партијата ќе настапи на претстојните парламентарни избори и како: самостојно или во коалиција? Но, до објавување на текстот не добиле одговор.

Арсовска ја презема партијата на Оровчанец, бидејќи не успева да формира своја?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, неодамна и јавно обзнани дека ќе формира политичка партија, откако долг период во јавноста имаше гласини за тоа, а дури се споменуваа и лица кои би се нашле на нејзината партиска листа – дел од нејзините сегашни блиски соработници во градската власт.

Арсовска во интервју потврди дека е во процес на формирање на политичка партија, но не одговори директно дали може да се очекува учество на таа партија на претстојните парламентарни избори закажани за мај годинава.

Неофицијално, „Нетпрес“ дојде до информација дека всушност Арсовска ја презема партијата на Ѓорѓи Оровчанец – Нова Алтернатива, бидејќи изворите на порталот тврдат дека таа не може да собере потписи за регистрација на нова партија. Тоа, наводно го направила со инсталирање на свој човек, како нов претседател на партијата, а ќе делува од сенка, додека формира терен за официјализирање на својата партија. Исто така, изворите не ја исклучуваат ниту можноста Нова Алтернатива да и’ е отстапена на Данела Арсовска за одредена финансиска надокнада.

„Нетпрес“ упати прашање до Арсовска дали навистина таа се вклучува во активностите на Нова Алтернатива, какви се нејзините планови, односно дали партијата ќе настапи на претстојните парламентарни избори и како: самостојно или во коалиција? Но, до објавување на текстот не добиле одговор.

Пред дваесетина дена, партијата Нова Алтернатива всушност и доби нов претседател, за првпат откако е формирана во 2007 година. На местото на Оровчанец е поставен Сократ Ефтимовски. Нова Алтернатива која од 2008 година е во коалицијата предводена од СДСМ, речиси и да нема никаква развиена мрежа и партиска структура.

Инаку, според досегашните објавени информации во медиумите, партијата на Арсовска ќе се вика Правда, а седиштето на партијата е на локација каде што се наоѓаат фирмите на нејзиниот близок соработник Драган Митковски.

Дел од медиумите исто така објавија дека Митковски бил близок и до поранешниот премиер и експретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Ваквите наводи, Груевски сепак ги демантираше, посочувајќи дека Митковски никогаш не му бил ниту формален ниту неформален советник. Со Митковски, како што вели Груевски, живееле во исто маало во детските и во тинејџерските денови, по што, како што додава, околу две децении немал ни случајна средба со него.

„Информацијата за собирањето потписи за партијата на Данела Арсовска ја добив од медиумите и немам никаква комуникација, поврзаност или соработка со кој било од двајцата. Ова е демант на објавите на некои портали кои видливо е дека имаат намера да направат конструкција очигледно излезена од една партиска кујна“, напиша тогаш Груевски на својот Фејсбук профил.

To top