Колумни бугарско-грчки уплав од станување дел од „масата“

Ако не си на МАСА, тогаш, најверојатно си дел од МЕНИТО

Во „Ако не си дел од масата, најверојатно си дел од менито“ лежи и бугарско-грчкиот „зајак“. Ова е и причината за сите сопки од Софија и Атина. Многу јасно. Затоа што, во моментот кога ќе станеш дел од асталот, работите драстично се менуваат. 102%. Тогаш, ти си еднаков и учествуваш активно во донесувањето на одлуките на истата таа маса (читај ЕУ), а во дел од тие одлуки ќе се одлучува и за сегашните поставувачи на сопки, кои имаат една огромна МАКЕДОНСКА мува на капата и  илјадници љаги и неправди поврзани со неа. Башка многу територија.

А, ортак ортака рани, тешко му на кој го нема.

Ако не си на МАСА, тогаш, најверојатно си дел од МЕНИТО

Оваа прастара дипломатска поговорка е најкусиот опис на последните случувања во Европскиот парламент и на она талибанско однесување и аздис кон Македонија. Покажува дека ако не си дел од носењето на одлуките, тогаш стануваш дел од тие одлуки, потенцијално и нивна мета. Поточно, здравје. Овој „стап“ го јадеме веќе 34-та година по ред, емпириски докажано. Да, ако не си дел од масата, најверојатно си дел од менито. Дефинитивно…

Пластичен приказ на дејствувањето на сојузи, организации и здруженија, каде членовите на „клубот“ секогаш се повластени. Да бидеш дел од нешто значи и директна привилегија да бидеш „тинтран“, гален и бабуван од останатите во него, па макар, бил и тотално во „КРИВО“ и мизерно забеган во своите желби. Нешто слично како Бугарија, нели.

И така, ќе видите како во т.н. „лулка на демократијата“ како што го нарекуваат ЕП, шовинизмот, национализмот и негирањето на нечиј идентите минува така нормално, мазно и убавко, ѓоамити „добар ден“. Да не се лажеме, освен два-тројца пратеници, никој и нешто посебно не се потресе  што нивниот парламентарен ортак настапи како да сме во 19-от век, а не во 25-та година од 21-от. Бугарското анахроно злодејание, задоцнето два века од останатиот дел од светот, беше општоприфатено од пријателчињата, затоа што, да не се лажеме, утре овие исти „клабери“, пајташи и национал-шовинисти ним ќе им затребаат за нешто, за некое друго гласање и за некој си проблем во Немачко, во Галициско, во Украинско ли. А, ортак ортака рани, тешко му на кој го нема. Па со очи широко отворени си замижаа пустите на бугарската ретроградна авантура и  изживување со Македонците, си изгласаа и си поддржаа акт стар два-три века и си останаа другарчиња.

Во „Ако не си дел од масата, најверојатно си дел од менито“ лежи и бугарско-грчкиот „зајак“. Ова е и причината за сите сопки од Софија и Атина. Многу јасно. Затоа што, во моментот кога ќе станеш дел од асталот, работите драстично се менуваат. 102%. Тогаш, ти си еднаков и учествуваш активно во донесувањето на одлуките на истата таа маса (читај ЕУ), а во дел од тие одлуки ќе се одлучува и за сегашните поставувачи на сопки, кои имаат една огромна МАКЕДОНСКА мува на капата и  илјадници љаги и неправди поврзани со неа. Башка многу територија. Та, чуму да си ја ишкаат со рамноправен партнер, кога можат тоа да го прават со некој кој не е таков? Па ќе ве шиканираат, блокираат, ќе ве понижуваат, ќе ве реметат, уназадуваат, кодошат, лажат, анатемисуваат, измислуваат, черечат, резилат и што ли не.

Така, ќе видите како најголемите непочитувачи на човекови права Бугарија и Грција (во ЕУ и многу пошироко) ќе ја обвинуваат Македонија и асли ќе измислуваат некакви си непочитувања на човекови права на уште понекави си (320 на број) Бугари, во исто време кога тие – едни не признаваат никакви малцинства (Грција), а други имаат дузина пресуди за непочитување на истите тие права од најмеродавното правно европско тело во Стразбур (Бугарија).

И сега, Европа, ЕП и ЕК не го знаат тоа? Не знаат дека ние за нив сме светлосни години понапред во однос на овие човекови и малцински права? Абе ајде, Европјаните знаат многу повеќе и од нас, ама мораат да му угодат на „несташниот“, инфантилен и брлив посинок, дозволувајќи му индолентно да аздисува со Македонија, давајќи му родителско зелено светло да се изживува со цел еден народ и држава. За мир во ЕУ куќата, од која токму затоа Бугарите и Грците не сакаат да станеме дел. Затоа што, тогаш нема да можат да си играат вака со нас. Тогаш, и тие ќе зависат од нас, а едната најсиромашна и другата најкорумпирана земја во ЕУ (Еуростат констатира, не ние), имаат зошто да бидат загрижени од некој кој може да стави вето на нивните безобразлуци, арамилак  и глупоштии, транши и каква ли не помош која ги држи во живот.

Интересно, колку само многу и едните и другите сакаат да бидат Македонци, да бидат Македонија, та од мака, затечени и снеможени од сизифовата, невозможна мисија така силно удираат по истата таа убавица. Со векови.

Големо ни е името, ќе сакаат да ни го земат! Пиша одамна Блаже Конески.

Сакале, сакаат и ќе сакаат.

Пукнете си од мака, ама бадијала…

 

To top