Свет ИЗБОРИ

Де Соуза: Во Португалија парламентарните избори ќе се одржат на 10 март

Според законот, изборите мора да се одржат во рок од 60 дена од објавувањето на претседателскиот декрет за распуштање на парламентот.

Де Соуза: Во Португалија парламентарните избори ќе се одржат на 10 март

Во Португалија на 10 март ќе се одржат предвремени парламентарни избори, соопшти португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза.

Одлуката за распишување предвремени избори претседателот ја донесе откако премиерот Антонио Коста од Социјалистичката партија поднесе оставка во вторникот по истрагата за наводната вмешаност на владата во корупција поврзана со рударски и енергетски проекти и апсењето на две лица блиски до премиерот.

Де Соуза рече дека ќе го распушти парламентот, во кој Социјалистичката партија има мнозинство, по гласањето за нацрт-законот за буџетот за следната година кое е закажано за 29 ноември. Парламентот начелно го усвои предлогот на тој закон на 31 октомври.

Португалскиот претседател истакна дека владата ќе продолжи да ја врши својата функција.

Според законот, изборите мора да се одржат во рок од 60 дена од објавувањето на претседателскиот декрет за распуштање на парламентот.

Коста изрази разочарување што Де Соуза одлучил да распише избори наместо предлог да го именува гувернерот на Банката на Португалија и поранешен социјалистички министер за финансии Марио Кентен за нов премиер. Коста се изјасни за невин по наводите за вмешаност на владата во корупција. Некои од приведените во истрагата вчера се појавија пред суд, а обвинителите рекоа дека се осомничени за корупција и трговија со влијание.  (МИА)

To top