Регион Нова средба меѓу Белград и Приштина

Србија го потврди учеството во новата рунда од Бриселскиот дијалог на техничко ниво на 16 ноември

Пресудно важен сегмент ќе бидат разговорите за формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО) „каде Белград ќе инсистира на сите загарантирани права за српскиот народ во согласност со договорите од 2013 и 2015 година“.

Србија го потврди учеството во новата рунда од Бриселскиот дијалог на техничко ниво на 16 ноември

Директорот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, ја прифатил поканата на специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак и ќе учествува во новата рунда дијалог со Приштина закажана за 16 ноември, јави дописникот на МИА од Белград.

Новата средба меѓу Белград и Приштина ќе биде прва откако Европската комисија го поднесе извештајот за Србија, во кој значаен дел имаа косовското прашање и нормализацијата на односите.

Како што беше кажано од Канцеларија за Косово и Метохија, Петковиќ со својот стручен тим на највисоко ниво ќе отпатува во Брисел.

-Белград отсекогаш бил кредибилна и конструктивна страна во дијалогот и е подготвен сите отворени прашања да се решаваат на преговарачка маса, додека Приштина ги одбива или ги условува разговорите. Директорот Петковиќ веднаш одговори позитивно на поканата на ЕУ за нова рунда дијалог во четврток, како што направивме и со претходниот предлог за дијалог на 7 ноември, кој Бисљими (Бесник) го одби. Нашата страна постојано и упорно ќе инсистира на тоа што поскоро да дојде до деескалација на ситуацијата на северот на Косово, како запирање на кризата што ја генерира Приштина со нејзините еднострани и насилни дејствија, се наведува во соопштението од Канцеларијата.

Оттаму додаваат дека пресудно важен сегмент ќе бидат разговорите за формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО) „каде Белград ќе инсистира на сите загарантирани права за српскиот народ во согласност со договорите од 2013 и 2015 година“.

Главниот преговарач на приштинската страна Бесник Бисљими потврди дека на 16 ноември во Брисел ќе се одржи нова рунда дијалог на техничко ниво.

To top