Македонија 89 денови со загаден воздух

Се намалуваат деновите со загаден воздух во годината во Тетово, но бројот и понатаму е над дозволените граници

-Не постои минимална концентрација на ПМ10 која е поволна по здравјето. И најмалите концентрации се штетни за човечкиот организам. Ние сега треба да се бориме да имаме уште почист воздух, како во земјите од Европска унија каде прагот на штетните ПМ10 честички е поставен на 25 наместо на 50 како кај нас, изјави д-р Давидовски.

Се намалуваат деновите со загаден воздух во годината во Тетово, но бројот и понатаму е над дозволените граници

Во текот на 2023 година имало 89 денови со загаден воздух, односно надминување на дозволената гранична вредност од 50 ПМ10 на метар кубен, покажуваат сите 12 месечни извештаи на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух за Тетово. Во една календарска година според светските здравствени стандарди не треба да има повеќе од 35 денови со загаден воздух.

Од друга страна, изминатата година е четврта по ред како опаѓа бројот на денови кога имало аерозагадување. Во 2022 година биле загадени 108 денови, во 2021 имало 132 денови со загаден воздух, а во 2020 година од 366 денови 138 биле со загаден воздух во Тетово. Тетовци најмногу се соочуваа со загадениот воздух во 2015 година со оглед дека од 365 денови дури во 350 имало високо присуство на штетните ПМ10 честички.

Во текот на 2023 година најзагадени месеци биле февруари и декември со по 21 ден надминување на концентрациите на ПМ10, во јануари 18, ноември 12. Април, мај и јуни поминале без ниту еден ден со аерозагадување, додека во јули и август имало само по еден ден кога имало повеќе од 50 ПМ10.

Специјалистот по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Тетово д-р Ратко Давидовски вели дека евидентно е намалувањето на загадувањето, како на ниво на дневни концентрации така и на периоди, но не треба да бидеме целосно задоволни.

– Не постои минимална концентрација на ПМ10 која е поволна по здравјето. И најмалите концентрации се штетни за човечкиот организам. Ние сега треба да се бориме да имаме уште почист воздух, како во земјите од Европска унија каде прагот на штетните ПМ10 честички е поставен на 25 наместо на 50 како кај нас, изјави д-р Давидовски.

Тој смета дека намалувањето на бројот на денови доаѓа поради веќе повеќегодишните обиди и преземените мерки за подобар квалитет на воздухот.

– Се гледа дека во зимските месеци кога има затоплување на домовите има и највисоко аерозагадување. Тоа е поради тоа што и понатаму греењето на дрва е најзастапено кај домаќинствата. Најмногу денови со загаден воздух има во јануари, февруари, ноември и декември. Сепак во изминатите години се презедоа повеќе мерки и активности, па многу луѓе почнаа да користат клима уреди или пелети. Во Тетово се посадија и многу дрвја, имаме подобрување, но не смее општеството да запре, туку да продолжи да се бори за уште поквалитетен воздух, смета Давидовски.

Во 2023 година автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентален воздух покажала дека нема ниту еден ден со надминување на среднодневните концентрации на сулфур двооксид (SO2), јаглерод моноксид (CO) како и азот двооксид (NO2).

Во Тетово автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентален воздух се наоѓа во дворот на основното училиште „Свети Кирил и Методиј“. Оддалечена е на само 5 метри од булевар со висока фреквентност на сообраќајот. На оддалеченост 15-20 метри од станицата се наоѓаат згради за домување.  (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top