По извршената евалуација од страна на ресорните министерства, Владата минатата недела соопшти дека одлучила оваа година да бидат финансирани вкупно 274 проекти во 77 општини. Нивната вкупна вредност изнесува нешто над четири милијарди денари или околу 65 милиони евра. Овие средства се обезбедени од земениот унгарски кредит.
„Владата изрази благодарност на општините за максималната посветеност и ангажираност, што само ја докажува нивната способност и волја за инфраструктурен напредок, за што, во изминативе години немале можност поради ограничените финансиски средства. Почнувајќи од оваа година и во наредните години, на општините им се отвара нова можност да ги реализираат приоритетните проекти, да ги подобрат основните услови за живеење за граѓаните, да можат општините да се развиваат побрзо и да се создаваат нови можности за граѓаните“, пишува во владиното соопштение.
Фазата на евалуација не ја поминаа само четири општини: Струмица, Град Скопје, Теарце и Сарај.
Ова беше причина градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска да излезе во јавноста со остра критика, сакајќи пред скопјани да претстави слика дека со одбивањето, тие ќе бидат лишени од бројни проекти кои ќе донесат добробит за нив. Но вистината е сосема поинаква.
КУРИР истражува: Какви проекти ќе бидат реализирани во цело Скопје со помош на овие пари? Што ќе добијат граѓаните? Како успешната имплементација на владиниот проект ќе се реализира во корист на сите граѓани?
Во ексклузивна изјава за КУРИР, првиот човек на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, порачува дека сите скопјани ќе имаат бенефит од владините финансии.
Освен напорната работа во својата општина, Ѓорѓиевски преку ЗЕЛС има увид и во состојбите во останатите општини. Така, будно го следеше процесот во кој општините аплицираа за оваа мерка, па оценува дека станува збор за квалитетно изработени проекти кои ќе решат низа проблеми на граѓаните, меѓу кои и проблеми кои постојат со децении.
-Како Претседател на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, со задоволство ја поздравувам успешната имплементација на проектот на Владата на Република Македонија, кој на нашите граѓани ширум државата, преку распределба на финансиски средства, ќе им овозможи решавање на нивните децениски проблеми. Сметам дека овој процес се одвиваше со максимална транспарентност и еднакви услови за сите општини, независно од политичката, етничката или било каква друга припадност на градоначалниците. Единствениот критериум за распределба беше поседување на квалитетно изработени проекти, кои се во интерес на граѓаните. Во таа насока, Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, ако го погледнеме списокот на проектите кои биле одбрани за реализација, согледуваме една правична распределба на средствата, со што сите граѓани ќе добијат проекти кои ќе го унапредат нивниот квалитет на живот, оцени Ѓорѓиевски.
Тој за КУРИР ексклузивно открива кои проекти ги изработи со неговиот тим, а добија зелено светло и финансии за реализирање од страна на Владата.
-Општина Кисела Вода добива средства за пет капитални проекти: реконструкција на патот кон Пеленица, реконструкција на улицата „Ѓорѓи Димитров”, доградба на ООУ „Кирил Пејчиновиќ”, доградба на училиштето „Невена Георгиева – Дуња”, како и за уредување на речното корито на реката Мала Рада, рече Ѓорѓиевски.
Преку првиот човек на ЗЕЛС дознаваме дека општина Центар добила 90 милиони денари за реконструкција на спортската сала на КК „Работнички“, која е важен спортски објект во главниот град.
Ѓорче Петров преку овие средства добива изградба на нова детска градинка во Дексион, изградба на локален пат клучка на обиколница Волково-Орман, пробивање на ул. „Социјалистичка Зора” со Сремски Фронт, реконструкција на пат до училиштето во с.Кучково, како и реконструкции на три други улици: „Николај Островски”, „Вера Циривири“ и „Никола Вукмировиќ”, дознава КУРИР.
-И Гази Баба ќе добие нова детска градинка во Инџиково, комплетна реконструкција на културниот дом во Ченто, нова училишна спортска сала за подрачното училиште во Црешево и изградба на две новопроектирани улици помеѓу Керамидница и Триангла, кои се предуслов за изградбата на нова детска градинка. Општина Чаир доби средства во висина од 2.8 милиони евра за реконструкција на подземна инфраструктура. На оваа единица на локална самоуправа и се одобрени проекти за реконструкција на водоводен систем и фекална канализација во населба Дижонска, во населба Сахат Кула, додека на улиците Ковачка, населба Саук Чешма, како и на Дижонска 15 и 17, освен водоводната и фекалната ќе биде реконструирана и атмосферската мрежа, рече Ѓорѓиевски во изјава за КУРИР.
Дознаваме дека за жителите на Бутел ќе се гради мега парк со плоштад во населба Радишани на површина од 10.000 метри квадратни, ќе се гради нова целосно уредена пешачка патека покрај новото речно корито на река Серава во Радишани, чие корито исто така ќе биде доградено. Ќе добијат и нова атмосферска канализација на улица Рудо, како и целосно асфалтирање на 10 поголеми и клучни сообраќајници на територија на општина Бутел.
Ова се само неколку примери, но евидентно е дека станува збор за клучни проекти кои не само што ќе го подобрат квалитетот на животот во општините, туку и ќе создадат нови можности за развој.
-Бенефит ќе има за сите скопјани. Сакам да упатам апел до сите општини, не само во Скопје, туку и во цела Македонија, а особено до оние неколку кои аплицирале со нецелосни проекти, да ја комплетираат својата документација и да работат на квалитетни проекти. Владата на Република Македонија веќе започна процедура со која се обезбедуваат по 250 милиони евра годишно како поддршка за општините, со цел да се решат децениски проблеми на нашите граѓани. Со максималната посветеност и ангажираност, градоначалниците треба да ја покажат својата способност и волја за инфраструктурен напредок. Само на тој начин ќе им овозможат на своите жители реализација на капитални проекти кои децении наназад не можеле да бидат реализирани поради ограничените финансиски средства, посочи Ѓорѓиевски во изјава за КУРИР.
Имајќи го предвид сево ова, скопјани можат да бидат спокојни. Секој од нив ќе биде сведок на бенефициите од овој владин проект и средствата обезбедени преку унгарскиот кредит.
Одбиената Данела Арсовска не успеа да ги изманипулира граѓаните покажувајќи ја својата нетрпеливост кон Владата. Таа како прв човек на Градот Скопје аплицирала со 20 проекти, но откако истите беа одбиени, Арсовска повеќе покажа интерес да го навредува премиерот отколку да реализира и самата некој проект кој пред три години им го вети на скопјани.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, вели дека Данела Арсовска нема капацитет да реализира капитален проект за изградба на Булеварот „Хасан Приштина“, потенцирајќи дека иако веќе 2 години 10 милиони евра се префрлени на сметката на Град Скопје нема потрошени ниту фенинг од тие средства.
-Да, тоа е капитален проект. Треба да е комплетен, а второ треба да се потрошени оние 10 милиони евра кои што веќе се дадени за реализација на еден таков капитален проект како што е Булеварот „Хасан Приштина“ кој што не само што не е почнат две години, туку ниту фенинг не е потрошен. Сега ако некој нема капацитет да реализира капитални инвестиции, како што е тој булевар, тој патен правец, иако морам да признаам до мене стигаат многу информации дека се тргува со тие средства кој што ги има Градот Скопје на својата сметка од страна на државата префрлени, па се бараат градежни фирми кои што тоа ќе го изведуваат и итн, има институции со тоа што се занимава. Но, факт е дека тој проект не е почнат со реализација и сега кога вие ќе видите дека некои 10 милиони евра му стојат 2 години на сметка, а не инвестирал ниту фенинг од тие 10 милиони евра, тогаш логично е да го поставите прашањето зошто па и тие 10 милиони евра не си ги вратиме назад во буџетот и да ги искористиме за нешто кое што е потребно за граѓаните во некои општини кои што се поподготвени, дециден е Мицкоски.