Уште едно големо ракометно натпреварување е пред нас. Почетокот на 2024 година е резервиран за ракометното Европско првенство, кое по многу нешта ќе биде посебно. Македонија ќе ја има таа чест да го отвори шампионатот, и тоа пред преполни трибини на стадионот „Меркур Шпил Арена“ во Дизелдорф.
Нашата селекција се најде во една од најтешките групи, каде се уште селекциите на Франција, Германија и Швајцарија, а сигурно многу возбудувања ќе има и во групата Б, каде Шпанија и Хрватска се фаворити, но никако не треба да се потценат селекциите на Романија и Австрија.
Шпанија:
Шпанија како и пред секој претходен собир, така и сега е сместена меѓу фаворитите за највисок пласман. „Фуријата“ подолго време е при самиот врв на европскиот и светскиот ракомет, а четата на Жорди Рибера сака да остане таму и по овој шампионат. Шпанија е актуелен европски вицешампион, откако на претходниот собир во драматично финале загуби од Шведска со минимални 27-26. И на ова Европско првенство костурот на шпанскиот состав е составен од искусни имиња. Предводници повторно се браќата Душебаев, голманот Перез Де Варгас, Македа, Канељас, но во составот има и неколку млади имиња, кои може да бидат изненадување на шампионатот. Во пресрет на ЕП, Шпанија на свое тло организира турнир на кој извојува победи над Полска, Словачка и Србија.
Хрватска:
Најголем ривал на Шпанците во групата секако е селекцијата на Хрватска. Некогашниот претендент за најмалку полуфинале, полека го губи приматот на европска велесила. „Коцкестите“ по завршувањето на ерата на Лино Червар, никако не можат да го пронајдат вистинскиот кормилар, а тоа се одрази на резултатите на селекција на големите собири. На последното ЕП, Хрватска имаше разочарувачки настап со само една победа, едно реми и три порази во главната групна фаза. Главни адути и на новиот селектор Горан Перковац се искусните Карачиќ, Дувњак, Циндриќ, Мартиновиќ, Шоштариќ, но искусниот стратег за време на подготовките остана без двајца планирани ракометари – Давид Мандиќ и Јосип Шарац. Крилото на загрепчани имаше запазена улога во репрезентацијата, па тоа е веројатно поголем удар за Хрватите, а Шарац беше дел од ротацијата во бековската линија, додека изненадување е отпуството на Лука Степанчиќ. Искусниот бек на ПИК Сегед е прекуброен во составот на Перковац и остана во Хрватска. „Коцкестите“ дуелот против Шпанија, кој најверојатно ќе го даде одговорт на најдобрата селекција во оваа група го играат уште во првото коло, на 12 јануари.
Романија:
Ниту една селекција во историјата на Европските првенства не чекала нов настап на еден континентален собир повеќе од Романија. По 1996 година, кога извојуваа само една победа, на Романија ѝ требаа 28 години за одново да бидат меѓу европскиот крем. По плејадата неуспеси, патот на Романците до пласман на Европското првенство во 2024 година не беше нималку лесен. Тие се единствените кои виза за Германија обезбедија со само четири освоени бода во групата, колку што имаа и селекциите на Фарски Острови и Украина. Може да се каже дека Романците немаа среќа во ждрепката за европскиот шампионат, бидејќи пред себе ќе ги имаат големите фаворити Шпанија и Хрватска, како и Австрија, против која токму во квалификациите за овој собир забележаа два порази.
Австрија:
Австрија е една од трите селекции – заедно со Франција и Португалија – која на овој шампионат пристигна по перфектно одиграни квалификации, поточно шест победи од исто толку натпревари. Австријците не може да се пофалат со поголеми резултати на Европските првенства. Своето деби го имаа во 2010 година, кога беа домаќини, три пати досега се пласирале во главната фаза, додека на последниот собир претрпеа три порази и завршија на 20. место, нивни најслаб учинок во историјата.
Распоред на натпреварите:
12.01.2024 Австрија – Романија 18:00 часот
12.01.2024 Шпанија – Хрватска 20:30 часот
14.01.2024 Романија – Шпанија 18:00 часот
14.01.2024 Хрватска – Австрија 20:30 часот
16.01.2024 Хрватска – Романија 18:00 часот
16.01.2024 Шпанија – Австрија 20:30 часот