Колумни

Северџанството си добива тапија

И што се случи? Дојде „5 до 12“, сфатија што направија, министерот вечен си излезе од Влада, дозволи неговиот Претседател и Владата да тоне, а тој претпоставувам ќе се појави како спасител внатрепартиски по дебаклот во мај.

Северџанството си добива тапија

Колку сакате да ги потценувате, ама она што го почнаа Заев и Димитров, а го продолжија Ковачевски,  Маричиќ и Османи, си добива тапија. Сето тоа, потпомогнато со најдолгиот владетел во сенка, Оливер Спасовски.

Документите беа она што колку толку не одржуваше во живот, иако веќе поодамна да бидеш Македонец беше проследен со коса црта и додавка „граѓанин на Република Северна Македонија“. Не до толку дека сакале да ги искористат старите нарачки од документи со Република Македонија, туку за да балансираат со народот, за да не добијат казна одма за „северџанењето“ продолжија уште скоро 3 години да даваат документи по старо. Искрено, мислам дека иако се силеа и велеа дека 15 години ќе владеат, и самите не веруваа дека ќе истераат два мандати на власт.

И што се случи? Дојде „5 до 12“, сфатија што направија, министерот вечен си излезе од Влада, дозволи неговиот Претседател и Владата да тоне, а тој претпоставувам ќе се појави како спасител внатрепартиски по дебаклот во мај.

Пола од државјаните немаат пасош, уште бог знае колкумина немаат лични карти и возачки и сообраќајни. Еве, мене пасошот ми важи уште 6 години. Зошто да го менувам пред време, кога е важечки документ, кој оваа држава ми го издала, по промената на името? Сега со личната карта можам само по западен Балкан да шетам, затоа што ја сменив пред една година. Значи, од денес со заробен да не можам да патувам, иако имам важечка патна исправа која државата ми ја суспендира, а не ми овозможува нова, плус треба да е на мој трошок и кој знае кога би ја добил. Мислам дека државата, а и дел носители на јавни функции се зрели за колективни тужби од граѓани.

Искрено, до некаде и ми е мило што ескалираат нештата, за да секој еден Македонец сфати што ни се направи како држава и се премолчи. Да, криви се добар дел политичари лопови, кои си го продадоа задникот за да не лежат робија или добијат намалени казни, и за да не им се заплени „азното“. Ама драги мои, вие сте си ги гласале таквите. Од било која партија. Кога ви се јавувале телефонски на анкети за јавно мислење, вие сте поддржувале такви. Не е само дека партија ги бирала. Секогаш во игра биле и по чесни и по решителни ликови. Ама рајата сака лигуши, сака некој кој ќе им збрка работа, некој кој им ласка. Е па таквите крадат! Е таквите гласаа за промена на име, и се млади пензионери „натовени“ со кеш за три генерации. Вие патете!

Поздрав и до пејачите и глумците, задно со професорите и поповите кои рипаа и скокаа за референдумот. Треба народот секој ден да го потсетуваме и за нив. Со име презиме и слика. Денес излезе дека се незадоволни, дека се про опозициски настроени. Драги мои, ви зборувавме тие кои лично ве знаевме, ви велевме дека плукате по народот и државата, ни велевте дека брзо ќе влеземе во ЕУ и ќе тече мед и млеко и дека ода е само тезга, дека тоа ви е работа. Во животот секој сноси одговорност за своите одлуки, вие дур сте живи ќе бидете северџани. Тоа е тоа!

Не растурија и испокрадоа во време на „короната“. Автобус се преврте, втор изгоре живи луѓе во него, монтажна болница пациентите пепел ги стори. Така помина, ко ништо да не било! Ги сменија имињата на пола институции. Еднаш не излеговте. Повеќе се штрајкуваше за кучиња и за загаден воздух (во Скопје секогаш е загаден, посебно во зима). Народе, се додека чекате некој друг да ве крене и води, покажувате дека сте овци. Извинете, ама само овци без овчар или овчарско куче седат во место или не знаат каде тераат. А да се имаше слога, и место псуење на фејсбук, излезевте на улица, секој политичар ќе излезеше да ви даде поддршка. Во основа, се е во ваши раце. Така ќе биде и на изборите! Покажете што сакате, и кого сакате, со време! И секако, што очекувате!

Народе мој, имам само едно нешто да кажам: Потсетете се кој ве зави во црно, кој ви ветуваше реки и долини, кој ви велеше дека ќе патувате слободно низ Европа, а сега од дома не можете да излезете, плус ќе ви наплаќаат визи во ЕУ. Потсетете се кој ви ветуваше бесплатно здравство во Европа, кој ви ветуваше повисок стандард (платите се качија, ама и цените се дуплираа). Ја уништија културата, спортот, институциите, образованието, здравството, ниту возови веќе нема. Им ги сменија имињата на институциите. Испокрадоа се  живо, и вработија илјадници идиоти кои не знаат каде тераат, а местата кои се упразнија со пензионирање или зјаат празни или се укинаа. Младите се иселија. Никој не седи во оваа џунгла. Се надевам дека ви дојде паметот. Ене го кај е 8ми мај! А, да не заборавиме дека две недели претходно, треба во заборав да се стави онаа несреќна епизода која изминатите пет години глумеше Претседател на државата. Време е!

Инаку „благодарност“ до некои мои познаници сожители во државава Македонија, кои не се етнички Македонци. Гледам дека ова со случувањава со Северна им е смешно, забавно, па станале шегаџии невидени. Претпоставувам хуморот на туѓа сметка е најсладок. Ама знам едно нешто, дека секогаш во животот тркалото се врти, а секогаш кој последно се смее, најслатко се смее. А во тешкото се познаваат пријателите. На обичниот човек воопшто не му е до смеење. Еден куп патриоти со скршено срце пред време го напуштија земскиот свет од нервози и стрес.

 

Александар Ристевски

Теми на денот

To top