Колумни

Феномени

Вината и кај себе барајте ја! И аман со муабетот, мене политика не ме интересира. Штом не те интересира, нека те крадат и лажат, а ти седи дома, гледај телевизија, карај се на фејсбук и стискај лајкови.

Феномени

Деновиве, на тема какви се феномени постојат, зборуваше до скорешниот Премиер на Владата на Македонија и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Секако, нему тоа му е најјасно, земајќи во предвид дека и тој самиот е своевиден феномен. Во право е дека има еден куп феномени и небулози, па ајде колку можеме, таксативно да ги наредиме и проанализираме.

  • Феномен е да имаш 100 дена техничка влада. Секако, истата беше добиена со меѓународен притисок, за актуелната може да ја ограничува и контролира претходната власт за избори и во истите да влезе со разрешен премиер. Сега тоа било феномен.
  • Феномен е среде техничка влада, он кој владее со истата, пробува да разрешува министри од туѓа партија, само затоа што нивниот Претседател сака таа партија да оди во коалиција со опозицијата.
  • Феномен е што во претходните избори истата Влада, го направи тоа Оливер Спасовски, кога ја разреши Рашела Мизрахи. Феномените се повторуваат.
  • Феномен е што локален политички измамник и продавач на лубеници ни беше премиер цели 5 години. Се живо распродаде, се уби давање глупи изјави кои ден денес ни ги пуштаат соседите, и го разори системот во секоја основа, или како што тој самиот би рекол „го отвори како пупка“.
  • Феномен што феноменот кој зборува за феномени, среде функционирање на една Влада, доби целосна власт врз партијата и државата, на поклон. Лик кој никој не го знаеше во политиката, дојде се појави и ја презеде комплет државата, изминатите две години.
  • Феномен е што феноменот според изјави на многумина троши илјадници евра месечно за сопствена самопромоција на фејсбук, а не кажува со чии средства го прави истото.
  • Феномен е што власта по дебаклот на локалните избори пред нешто повеќе од две години ги преполови блок дотациите кон општините, ги растури општините и јавните претпријатија со сметки за струја, на тој начин направи да пати целиот народ, казнувајќи го за непослушноста што не гласал за нив. Казната, власта ќе ја добие за точни 3 месеци.
  • Феномен е што зборувавме за правична застапеност на етничките заедници кои не се мнозинство, а добивме бинационално општество, во кое изминатите 4 години се соочуваме со своевиден апартхејд.
  • Феномен е случаи кои ги иницираат медиумите обвинителство на не ги процесуира.
  • Феномен е заклучоците на ДКСК (Државна комисија за спречување на корупција) да бидат игнорирани и заобиколени, или некој да си плати казна мандатна и да си тера.
  • Феномен е да си Премиер, да не се појавиш на седница, па заменикот да и даде на жена ти земја и бенефиции за фотоволтаици.
  • Феномен е да имаш измислена функција „прв вице премиер“, за да бидеш поголем од другите заменици на премиерот, кои се еден куп, ама ти си прв.
  • Феномен е да имаш измислено тело како СЈО само за да турнеш Влада, па истото да го укинеш.
  • Феномен е самото СЈО да се укине ради криминал на лицето кое го водело.
  • Феномен ни е урбанистичко планирање, Генералните и деталните планови, окрупнувањето на парцели, пренамена на паркинг просторот и коли качени по тротоарите.
  • Феномен ни се цените на автопатите и времетраењето на нивната изградба.
  • Феномен ни се патарините. Цел свет има вињети или алтернативна форма за патување, освен кај нас.
  • Феномен е што дваесет и кусур години се зборуваше за корумпирано судство контролирано од власта. Сега судството само се бира и назначува и никогаш не било по лошо.
  • Феномен е да вадиш година дена народ на улица со паролите „Нема правда, нема мир“, за на крајот мирот а го добиеш со полициска бруталност на протести, со драконски казни во монтирани судски процеси и „ухлебување“ на силни државни позиции на оние кои велеа дека се граѓански сектор.
  • Феномен да ги искористиш корумпираните од претходната власт за да смениш устав, и да ги ослободиш од се плус наполниш со пари, а сите останати да ги сатанизираш.
  • Феномен е да мнозинството народ кој е против тебе, а со про западни ставови, но и цврста национална македонска матрица, ги прогласиш за русофили.
  • Феномен се институциите кои се празнат од професионални кадри, а се измислуваат чиновнички и раководни позиции за да се пикнат партиски кадри кои обично така седат.
  • Феномен е да се користи службено возило 24 часа, за приватни цели со полн резервоар, од државни пари.
  • Феномен е вториот јазик кој е дозволен за службена употреба да го мајоризира државниот јазик, кој неретко и го нема и е испуштен или маргинализиран, како во еден куп општини, но и државни институции.
  • Феномен е да во конкурс за вработување услов за позицијата да биде етничка припадност, па да се примаат ложи кадри или пак народ да се пишува што ќе стигне, поради условите на конкурсот.
  • Феномен е да кажеш дека на избори некој е „победник кај Албанците“, па мора во Влада. На избори има само еден победник, а Влада прави оној кој има 61 пратеник. Се друго е лага, фолклор и манипулирање со народот. А принципот „победник со победник“ од мај 2008, не важи после Владата од 2017. Победник е еден, Влада прави кој има 61. Правата етнички се заштитени со закон и устав, а Владата не може и не смее да има етнички пред знак. Толку од муабетот за коалициски капацитет.

 

За крај, ние сме земја на феномени, случаи на веројатност, експерименти, залутани ликови, продадени души, кодоши и преваранти, кои се спремни родената мајка да си продадат за власт.  Ама народе, вие ги бирате, селектирате, поддржувате. А кога ќе ви згрешат, им преќутувате. Вината и кај себе барајте ја! И аман со муабетот, мене политика не ме интересира. Штом не те интересира, нека те крадат и лажат, а ти седи дома, гледај телевизија, карај се на фејсбук и стискај лајкови.

 

Александар Ристевски

Теми на денот

To top