Колумни Бела, црна ли, чао...

ДУИ во магарешка клупа

Сакале дуевци да си признаат или не, поверојатно второто, опцијата им е јасна. Ко ден. Да, „некој“ бара смена на дејствувањето на ДУИ, но очебијно и смена на соучесникот, коавтор и толерирач на зулумите. Двата жолти картони водат кон црвен. Кон „исклучување“ и смена на Ахмети. Пензија, предвремена. А, да, истовремено МВР запленија и неколку тони марихуана од плантажите во струмичко. Ви текнува?

ДУИ во магарешка клупа

Замислете само како би му било на Пинокио, кога Ѓепето би му дал црвен картон? Или, како би му било на старецот кога Пинокио за лошковците со тапија, Мачорот и Лисецот (читај Груби и Мерко), би зборувал насекаде дека се доблесни, чесни и најчешит од сите што ги познава? Абе, ангели. А притоа, цел свет гледа како тоа носето му расте со брзина на финансиите на сметката на Дрин?

Веројатно, Ѓепето би се чувствувал исто како Стејт Департментот и неговите челници. Како САД де. Она, кога ќе го искараш чудото на чие создавање на времето си кумувал, ќе му удриш две-три воспитни затоа што истото забегало до бесвест со злодејанија и арамилак, а аздисаното чедо како разгалено дериште ќе се „понаша“ и  дерејќи се „На-на-на-на-нааа!“ ќе ги фали јавно ајваните кои наставникот ги ставил во ќош. Во магарешката клупа…

Да, токму таму сега седи Ахмети со ДУИ. Една поголема и подолга магарешка клупа во која ги смести педагогот и амбасадорка на САД. На страна што ушите и натаму им растат со секоја фалба за чесноста на хохштаплерот кој местел судски процеси и кој знае какви чуда и врагови. Воспитните шлаканици, тегнењето за бaкембардите и линијарите по врвовите на прстите можеби не се гледаат јавно, но црвенилото со отпечаток од нечии прсти на образите, проретчените зулуфи и закршените орловски ноктиња зборуваат сами по себе. Башка, не мора да сте Ајншајн или Хорацио од ЦСИ за да ги утврдите причините за педагошкиот ќотек.

Во светот на спортот, по два жолти картони (Мерко и Груби), следува црвен картон и исклучување од играта. Велат, во светот на политиката не било многу-многу поразлично. Особено, кога по двата „жолти“ предупредениот не се поправа, нити засрамува, та и натаму се инаети ко магаре и тврди дека не направил ништо. Односно, не ги кара двајцата ајвани другарчиња за кои е ачик утврдено дека сториле криминал. Туку ги гали, не ги исклучува од партија, ги фали дека се супер, абе почесни од Папата. Ајатолахот, де…

Затоа,последните настани навестуваат дека не Груби или Мерко, туку Ахмети и ДУИ се наоѓаат на црната листа на САД. Ова е порака, која не е ни во шише, туку е многу поачик. Се гледа од Марс. Порака која јасно вели „Дечки, аздисавте, ја претеравте, алооооо, не бива веќе вака!  Ќец и во ќош! Море, ајт во магарешка!“

Порака која, очебијно, саде дуевци не ја разбираат. Само ним не им е јасно дека им мина времето и дека уште доооолго ќе бидат во опозиција. Да не се лажеме, по ваков резил и ветер во едра за ВРЕДИ од САД, комбиниран со воршипот на Албанците кон Вашингтон, деновите на партијата од Мала Речица во албанскиот блок се избројани.

Сакале да си признаат или не, поверојатно второто, опцијата е уште појасна. Ко ден. Да, „некој“ бара смена на дејствувањето на ДУИ, но и очебијно – смена на соучесникот, коавтор и толерирач на зулумите. Смена на Ахмети. Повеќе од очигледно е дека „Некој“ директно бара смена на еден лик кој 23 години прекалдиса и аздиса, на секое поле. А, на тој некој таков не му одговара и не му врши работа. Му прави контраефект. А лекот е јасен. Предвремена пензија. Со платен стаж, се разбира, преплатен.

Мора да е грдо чувството, да знаеш, дека рокот на употреба ти минал. Одамна. А ти единствен, не ја чувствуваш реата, околу себе…

П.С.   Во очекување сме, по заплената на неколку тони марихуана во струмичко и црвениот картон за Ахмети, Шилегов пак да ја пушти „Во бестрага“. Овојпат, посветена на Ахмети и Заев.

Замислете ги само Зоки и Али, како упатени кон зајдисонцето и гушнати си ја потпевнуваат „Дали крајот вака мириса? Ние двајцата сме… за бестрага…“

Се наеживте, нели…

 

To top