Колумни Колумна

Дали некој има визија за Скопје, и која е таа?

Место да ги возат оние кантите по скопските улици, нека купат половни возови.
Така низ Скопје веќе нема да се мотаат еден куп приградски автобуси, а и луѓето од периферијата нема да доаѓаат со коли. Па и оние кои се од друг град место да заглават во Скопје и плаќаат скапи паркинзи ќе се паркираат на периферија и ќе дојдат со градскиот воз.

Дали некој има визија за Скопје, и која е таа?

Денес е 13 ноември, ден на ослободувањето на Скопје, па можеби е и најсоодветно оваа колумна да му ја посветам токму на градот. Седиштето на Владата, на Парламентот, и претпоставувам на повеќе од 90 отсто од институциите во Македонија.

Годинава која привршува е година во која се очекуваше да се донесе новиот ГУП (Генерален урбанистички план). До носење на новиот важечки и во сила е претходниот. ГУП кој зададе многу главоболки. Зошто? Затоа што се изгради и искреира се што е просечно, застарено, и од кое ќар ќе имаат само инвеститорите, а се она што е јавно добро, дали е реализирано 5-10 проценти.

За почеток, Градот се уште функционира во бараки. Коце Трајановски изгради одличен објект под Кале, одма до водовод, Шилегов го продаде на ЕВН. На местото на бараките некој предвиде згради/хотели. Се гради градската куќа на Плоштад Македонија која само дел треба да му припадне на Градот. Жално!

Градот треба да најде начин да го откупи целиот објект, кабинетот на Градоначалникот и главните тела, а остатокот од службите треба да се дисперзираат низ самиот град во други објекти или да се обезбеди и изгради уште еден административен објект. На местото на бараките во паркот треба да има монтажен паркинг на две или три нивоа, за да луѓето кои доаѓаат во Зоолошка, Луна Парк, по дискотеките или на стадион, немаат потреба да влегуваат во самиот парк, ниту да го блокираат цело Дебар Маало.

Не знам до каде е следниот процес на децентрализација, но главен град со годишен буџет од само 100тина милиони евра, не бива. Ем буџетот е мал, ем границите на градот зафаќаат и планини, земјоделско земјиште, рурални средини до кои неретко и нема пристоен пат, а камо ли водов, канализација, струја, превоз.
На град како Скопје не смее работа да му е садење цвеќиња, косење трева и ситни зафати, туку градење на сериозна инфраструктура, патни коридори, гасификација, урбано планирање кое ќе креира развој и еден севкупен раст, но и среднорочно и долгорочно планирање на иднината.

Не ми е јасна одлуката на градоначалничката Арсовска за Бас рапид транзит на Шилегов. Проектот е лош и дисфункционален. Крати по една лента од секоја страна на Партизанска. Автобусите треба да одат по местото каде сега има дрворед, плус од него е главната цевка на скопскиот водовод. Се забрзувал сообраќајот од Ѓорче до Ново Лисиче! Па таа делница е единствената во градот која е брза! Сообраќајот се кочи само помеѓу Соборна и Железничка, значи целта треба да биде како да се прескокне овој хаос во центарот, инаку превозот си е проточен.

Другата линија ви е од Железничка Север до Пинтија. Живо ме интересира како ќе го надминете делот од паркот во Чаир и Рампа во Кисела Вода. Ќе ви кажам како: Никако! Само ќе ги земете парите на кредит и нема ништо да направите од оваа траса, и ќе го заглавите Градот уште токму.
Зошто до Север? Зошто до Пинтија? А Радишани и Бутел? А Драчево со Долно Лисиче и Морани и Зелениково?

Самиот план е згрешен и утнат. Повторно се форсираат граѓаните по текот на булеварите Партизанска и Јане Сандански. Затоа и таму квадратот е најскап, а сите други тонат. Каде е тука Гази Баба? Луѓето во Стајковци, Ченто, Маџари, оние во општина Илинден, оние во Трубарево, Јурумлери, Идризово, во Петровец… Каде е тука Новоселски пат, Волково, ГеГе, каде е тука општина Сарај?

Низ Скопје не треба побрз превоз, туку само начин да се преброди центарот. Направете ги трите кружни текови и пуштете ја подземната улица под Лимак! Клучката кај Момин поток. Мостот кај Сити мол кон Злокуќани. Уште еден мост од Карпош 4, преку Вардар одма до Лепенец, близу Канал 5. Решете ги имотно правните односи и пробијте сообраќајници од Аеродром кон Ист Гејт. Кај Мавровка две клучки на две нивоа. Кружен тек кај АНродна банка и Веро Џамбо. Најдете решение за Рекорд. Кон Чаир мора да се пробие улица од Американската амбасада, директно со 4 ленти према Џон Кенеди, а Цветан димов мора да биде улица на две нивоа, едно долу проточно и брзо, према Бутел, а горе да си продолжи со тековен локален сообраќај. Улица покрај пругата преку мостот во Лисиче, кон Хиподром и Ергеле. И тоа е тоа.

Доколку сакате брз сообраќај кон периферијата и предградијата, оправете ја железницата. Имате 9-10 перони кои зјаат празни. Имате по два колосеци кои можат да се искористат да доаѓаат и одат возови. Од железничка со Ѓорче ќе се стига за 15 минути со 3 стоења, и ќе се рипне цел град. До Драчево за 10-15 минути. За сито толку и до Трубарево, Илинден, за 20-25 минути до скопскиот Аеродром. Може да се направат краци и до Радишани, и еден куп други поголеми приградски локации, а од таму превозот можете да го средите со комбиња, и минибуси. Плус ќе ги заживеете локалните станици со сендвичари, трафики, бурекџилници, со таксисти.

Градот и државата нека ја средат инфраструктурата, превозот со тие градски возови нека ги тераат приватници. Место да ги возат оние кантите по скопските улици, нека купат половни возови.
Така низ Скопје веќе нема да се мотаат еден куп приградски автобуси, а и луѓето од периферијата нема да доаѓаат со коли. Па и оние кои се од друг град место да заглават во Скопје и плаќаат скапи паркинзи ќе се паркираат на периферија и ќе дојдат со градскиот воз.

Во лоша ситуација сме. Ем шофери нема, ем платите им се ниски, ем ни се ветуваше бесплатен превоз, а истиот го добија само пензионерите и учениците. Автобуси се помалку, а сообраќајот е хаос. Стратегијата на градот треба да е градска, донесена со консензус, а не да ги гледаме хировите, личните фрустрации и инаетот на Шилегов и на Арсовска.

Шилегов доби црвен картон за неговата „визија“. Арсовска победи со муабетот дека тоа нема да пројде, и дека превозот ќе биде бесплатен. Таа поддршка од народот за БРТ, не добила. Нека ги среди големите инфраструктурни проекти, ако може, нека се потруди да направи нешто корисно ако е во можност, во спротивно не треба да почнува проекти кои и така нема да ги заврши, а нејзиниот наследник, сигурен сум дека нема да ги доврши.

На Скопје му треба визија за развој. Не е развој да од куќи се прават згради, а паркинзи да нема или истите да стануваат теретани, магацини или клубови. Јас никаде не гледам предвидени површини за нови државни институции, за домови на култура, за стадиони, за спортски сали, за музеи, за болници, за училишта, за градинки,за катни гаражи.

Напротив! И тој простор кој е на школите на пример се узурпира со некакви си концесионери, или пак спортски сали и градинки се градат во нивите дворови. Се е настегано во Центар евентуално Карпош, или Чаир, се останато е гето. Урбано гето со куќо/згради или урбани блокови со згради наредни како наполитанки.

На Скопје му треба нова визија, му треба урбанистички план за 25 години, не за 10. Му треба широк меѓународен конкурс, а до тогаш му треба некакво времено решение со кое ќе престане отуѓување на државното/општинско земјиште, туку само градби на приватен имот, расчистување, ослободување и ставање во функција на цел расположлив простор за паркирање, и секако градба на главните градски артерии.

Ова ќе го прават следните 3-4 градоначалници. Затоа мора да има широка јавна дебата, мора да се стават во преден план интересите на сите, а не оние кои ги гледаат само сопствените бизнис интереси.
Овој град постоел илјадници години, треба да знаеме каков ќе биде, барем за наредните 50 години.

Александар Ристевски

To top