Македонија Колумна

Аџипетров: Имплементирање настава во една смена и продолжен престој за сите ученици

Во моментот, воспитно-образовниот процес во Македонија најчесто се реализира во две смени. Со одредени инфраструктурни инвестиции и реорганизација би можеле да се создадат услови за едносменска работа, што пак отвора можност за организирање на продолжен престој за сите ученици.

Аџипетров: Имплементирање настава во една смена и продолжен престој за сите ученици

Колумна на Роберт Аџипетров, раководител на одделение за образование во општина Штип

Образовниот систем претставува темел на кој се гради идниот потенцијал на една држава. Создавајќи подобри услови за образование, на идните генерации им се овозможува компаративна предност во однос на нивните врсници од останатите држави. Го има ли Македонија капацитетот да создаде таков систем, имајќи на ум дека располагаме со прилично ограничени ресурси во државниот буџет? Можеме ли да зборуваме за компаративна предност, знаејќи дека во моментот сме во значителна „негатива“ споредбено со остатокот од Европа?

Унапредување би било можно доколку се направат реформи, кои од една страна би донеле поголема флексибилност во употреба на ресурсите, и тоа намалување на трошоците и подобар менаџмент на времето, а да во исто време од друга страна отворат можности за вклучување на учениците во поширок спектар на активности, со што би се постигнал напредок на академските перформанси и зголемено учество во воншколски активности. Постои ли мерка која би ги намалила трошоците, паралелно создавајќи услови за проширена активност? Решението е во политика која ќе биде воспоставена на централно и локално ниво, а ќе значи системска реорганизација, каде преку мал износ на дополнително алоцирани средства, истовремено би се создала можност за идна заштеда но и рамка за проширена активност. За што станува збор?

Во моментот, воспитно-образовниот процес во Македонија најчесто се реализира во две смени. Со одредени инфраструктурни инвестиции и реорганизација би можеле да се создадат услови за едносменска работа, што пак отвора можност за организирање на продолжен престој за сите ученици. Но да одиме чекор по чекор, што би донела едносменската работа за училиштата?

На старт, едносменската работа значи поголема флексибилност, во поглед на распоредот на активности со што се оптимизираат училишните ресурси, наставниот кадар итн. Во старт би имале намалување на трошоците за транспорт, од причина што нема да биде потребно да се организира транспорт за секоја смена посебно. Намалување се очекува и во делот на режиските трошоци, кои сега би се генерирале само за една смена која би била со подолго време на траење, но во апсолутна вредност би била пократка од она што досега е реалност при двосменска работа на училиштата. Очекувано е унапредување и во делот на менаџмент на вработените во училиштата, со тоа што наставниот кадар би добил подобар баланс на работното и приватното време без потреба од постојано прилагодување на различните смени. Ова ќе создаде подобри услови за следење, но и соработка со учениците, како резултат на тоа што истите би биле простојано присутни, без можност за разминување како резултат на различните смени. Едносменската работа би ја унапредила и безбедност на училиштата. Фактот дека училишните објекти би имале унифициран период кога би работеле т.е. кога во објектите би биле присутни како учениците така и вработените, ја намалува конфузијата и создава можност за полесно развивање на безбедносни протоколи и имплементирање на мерки, што создава побезбедна средина за учење.

Најголема придобивка која ја носи едносменската работа е можноста за реализација на продолжен престој за сите ученици. Продолжениот престој на учениците во училиштата сам по себе носи бројни предности како резултат на дополнителното време во кое може да бидат распоредени активностите. Учениците добиваат можност за зголемена партиципативност, следење на збогатени содржини, дополнителна поддршка од постојано присутниот наставен кадар, но и поактивно вклучување во воншколските активности. Процесот притоа е ослободен од пречките како што е пропуштање на активност поради конфликтен распоред, а се намалува и вревата која неминовно се создава за време на менување на двете смени. Ова значи дека нашите ученици би биле дел од збогатен, сеинклузивен и побезбеден процес во чиј центар се токму тие, со што условите за лично образување се унапредуваат.

Организирањето на воспитно-образовниот систем во една смена, а со тоа и овозможување на продолжен престој за сите ученици, значи системско решение кое би донело подобрување на можностите за учење, што само по себе значи унапредување на академските перформанси на нашите ученици. Од наведеното, јасна е потребата од континуирано создавање на инфраструктурни услови за едносменска настава во училиштата и продолжен престој за сите ученици во државата. Едносменската настава несомнено ќе го оптимизира целиот процес, генерирајќи дополнитено време, а со тоа и можности за унапредување на образованието.

Најнови вести од Македонија

To top