Црвениот крст информира дека нивните волонтери продолжуваат да бидат на терен и активно обезбедуваат помош и поддршка за загрозените од поплавите низ државата.
Дистрибуираат хуманитарна помош, вклучувајќи сместување, храна, вода, топли оброци, душеци, ќебиња и основни хигиенски средства со цел да им помогнат на семејствата кои се соочуваат со тешки последици од временските непогоди.
-Покрај материјалната помош, волонтерите пружаат и психосоцијална поддршка (ПСС), обезбедувајќи разговор, емоционална поддршка и насоки за справување со стресот и траумата предизвикани од поплавите. Тие помагаат при евакуација, вршат проценка на потребите на погоденото население и соработуваат со локалните институции за побрзо и поефикасно справување со состојбата на терен, велат од Црвен крст.
Како резултат на поплавите во Кичево, евакуирани и згрижени се вкупно 250 лица во Кичево.
-Од нив, 61 се деца – меѓу кои едно дете на возраст од 1 месец, едно од 2 месеци, едно од 7 месеци и 58 деца на возраст од 2 до 10 години. Меѓу евакуираните има и 189 возрасни лица, од кои 102 жени и 87 мажи, како и 11 лица со инвалидитет. Со материјална штета се засегнати вкупно 362 домаќинства, односно околу 1200 лица кои се соочуваат со последиците од временската непогода. За привремено сместување на евакуираните е обезбедена спортската сала „Христо Узунов“ во Кичево, каде им се обезбедуваат основни услови за престој, велат од Црвен крст.
Надлежните служби и Црвениот крст остануваат на терен и продолжуваат со активностите за помош и поддршка на погоденото население.