Македонија Црвените линии на Македонија

Ковачки за „Гласот на Америка“: Наместо Бугарија да биде блокатор може да биде катализатор на нашиот евро-интегративен пат

Во делот на борбата против корупцијата исклучително го цениме тоа што го прават САД со ставањето на одредени лица на црната листа затоа што ни кажуваат дека нашите институции дома не функционираат, вели Ковачки

Ковачки за „Гласот на Америка“: Наместо Бугарија да биде блокатор може да биде катализатор на нашиот евро-интегративен пат

Шефот на парламентарната делегација на македонското собрание за НАТО, пратеникот Драган Ковачки во интервју за Гласот на Америка се осврнува за уставните реформи кои се неопходни за почеток на преговори со ЕУ, но и за борбата против корупцијата која го разградува општеството.

Глас на Америка: Господине Ковачки, учествувате на Трансатлантскиот форум со претставници од собраниски делегации од земјите на НАТО во Вашингтон. Каде е фокусот со оглед на растечките глобални закани?

Ковачки: Учествуваме со повеќепартиска делегација на Собранието. Фокусот е на глобалните растечки закани. Тука станува пред се збор за бруталната агресија на Русија врз Украина, за хибридните закани, за заканите кои што доаѓаат со нелегалната миграција за заканите од авторитарните лидери.

Глас на Америка: Меѓутоа, присуствувавте ѝ на парламентарното собрание на НАТО на Годишната сесија, чиј домаќин беше Парламентот на Канада во Монтреал, со уште 260 пратеници од 32-членки на НАТО Алијанса. Дали беше повторен ставот за непоколебливата поддршка кон Украина или има најави за премореност и промена на ставот на Алијансата, со оглед дека и новоизбраниот претседател Доналд Трамп најави можност за брзо ставање крај на војната во Украина, иако, не објасни, како?

Ковачки: Не, нема премореност. Украина како нападната држава и членка на ОН има апсолутно право да се брани согласно членов 51 од Повелбата на ОН и има право на самоодбрана. Може да побара и помош од други држави. Многу членки на НАТО и даваат поддршка, на хуманитарен план, и на воен план. И Македонија помага хуманитарно и воено. Јас сум горд што го постигнавме лимитот од 2 отсто од бруто домашниот производ за одбраната од Самитот на Велс во НАТО и се надавам дека тој процент ќе расте со што ќе може да се модернизира македонската армија.

Глас на Америка: Со изборот на Радмила Шекеринска за втор човек на НАТО, Алијансата јасно и отворено манифестира свест и посветеноста за важноста на регионот. Каде може Македонија да се наметне во поактивна улога во решавање на акутните безбедносни предизвици?

Ковачки: Македонија како една од најнови членки, по неа влегоа Шведска и Финска и тоа со наша поддршка, е фактор којшто влијае и на носењето на одлуките. Седиме на иста маса и носиме одлуки заедно со останатите членки. Мора да се напомене дека Балканот не смее да остане црна дупка и да бидеме неинтегрирани.

Глас на Америка: „Имаме црвена линија, толку можевме да направиме, повеќе не можеме“ – тоа беше одговорот на премиерот Мицкоски на прашањето што Владата мисли да преземе по изјавите од новата евркомесарка за проширување, Марта Кос, дека Брисел очекува Северна Македонија да ги заврши преземените обврски во делот на уставните измени. Колку ваквите изјави може да помогнат за откочување на процесот со ЕУ? Потребно ли е национално единство и усогласување на националните интереси за вакво битно прашање, како што е членство во ЕУ?

Ковачки: Стратешки е неодговорно Македонија да биде држава надвор од евроинтегративниот процес. Македонија треба да биде дел од ЕУ, но тоа не треба да биде под никаков диктат и уцени. Треба да бидеме примени достоинствено на еден начин на кој што доликува на една цивилизирана држава. Бугарија има предлог на маса, а тоа е одложена примена на уставните измени. Доколку сака Бугарија тие измени да се случат, таа сама може на Македонија да ѝ помогне што побрзо. Наместо Бугарија да биде блокатор може да биде катализатор на нашиот евро-интегративен пат. Очекувам разум и кај нашите источни соседи и им посакувам што побрзо да формираат влада.

Најнови вести од Македонија

To top