Свет следниот состав на ЕП ќе биде „помалку зелен“

Политико: Значителен раст на популарноста на екстремната десница на претстојните избори за Европскиот парламент

Групациите во Европскиот парламент (ЕП) кои припаѓаат на националистичката десница и екстремната десница имаат најголеми шанси на претстојните избори за ЕП, оценува денеска „Политико“.

Политико: Значителен раст на популарноста на екстремната десница на претстојните избори за Европскиот парламент

Во анализата, порталот наведува дека претстојните избори нема да резултираат со создавање коалиции меѓу десните и левиот центар, кои ја „изградија Европската Унија“ и кои ги држат порадикалните партии на страна, туку предвидува дека следниот состав на ЕП ќе биде „помалку зелен“ и „повеќе проруски“.

Како што се наведува, дури и ако силите на десниот центар, кои водат во анкетите пред изборите, одбијат да коалицираат со помалите, но се помоќни сили на екстремната десница, сепак постои значителна шанса екстремната десница по првпат да може да влијае на агендата и политичките вредности на ЕУ.

„Ќе видиме значително поместување надесно“, смета Сајмон Хикс, професор по компаративна политика на Европскиот институт, наведувајќи дека десничарската група „Идентитет и демократија“ (ИД) во Европскиот парламент, шеста по големина од седумте, ќе освои дополнителни 40 пратенички места на изборите, што значи дека групата би можела да има 98 пратеници. Партиите членки на ИД се, меѓу другите, Германската алтернатива за Германија (AFD) и француската Национален собир.

Хикс наведува дека сегашната петта по големина група, 67-члената десничарска групација Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), чии членки се полската Право и правда (ПИС) и италијанската Браќа на Италија, доколку порасне за околу 18 места, може да стане четврта по големина на ЕП, со што ќе ги престигне Зелените и Либералите.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан најави дека пратениците на неговата партија Фидес ќе се приклучат на ЕЦР по изборите, а министерот во неговиот кабинет Гергељ Гулаш оценува дека ЕЦР и ИД „заедно можат да станат најсилната фракција во ЕП“.

Политико претходно објави дека во речиси десетина европски земји, вклучувајќи ги Франција и Германија, тврдокорните антиимиграциски партии, од кои некои се поекстремни од холандската Партија на слободата на Герт Вилдерс, се блиску до врвот на нивната популарност меѓу електоратот.

Минатата недела, претседателката на француската партија Национален собир Марин Ле Пен ги критикуваше нејзините германски колеги за премногу екстремни планови за депортација на милиони луѓе и се праша дали тие би можеле да останат во истата пратеничка група во ЕП.

Порталот додава дека не се работи само за места во ЕП, туку и за Европскиот совет, кој го сочинуваат шефовите на влади на ЕУ и кој управува со политичките одлуки, а во кој веќе се и италијанската крајнодесничарска премиерка Џорџа Мелони, унгарскиот премиер Виктор Орбан, словачкиот премиер Роберт Фицо и други.

Неименуван дипломат на ЕУ оцени дека овој тренд е нешто што може да има далекусежни последици.

„Овој пат нема да биде лесно да се отфрлат успесите на екстремната десница, се добива впечаток дека започнува нов момент“, рече тој, пренесува Политико.

To top