На пет фудбалерки од иранската репрезентација, меѓу кои и капитенката Захра Ганбари, им е одобрен хуманитарен азил во Австралија по нивното филмско бегство од хотел на „Голд Коуст“. Австралискиот министер за внатрешни работи, Тони Бурк, потврди дека одлуката за азил е конечна и дека девојките се на безбедно под заштита на федералната полиција. Оваа одлука доаѓа по денови на тајни преговори, откако фудбалерките успеаја да им побегнат на своите чувари во понеделникот навечер, додека иранските официјални лица ги пребарувале лобито и околината на хотелот.
Причината за овој храбар чекор е сериозната опасност со која фудбалерките се соочуваат во нивната татковина. Тие беа јавно прогласени за „воени предавници“ од страна на државните медиуми во Иран, откако одбија да ја пеат националната химна пред нивниот прв натпревар на Азискиот куп. Покрај капитенката Ганбари, азил добија и Фатемех Пасандидех, Захра Сарбали, Атефех Рамезанизадех и Мона Хамуди, кои стравуваа од тешки казни и можни егзекуции по враќањето дома.

Случајот предизвика и меѓународна реакција, при што американскиот претседател Доналд Трамп лично интервенираше кај австралискиот премиер Ентони Албанезе, апелирајќи да не се направи „ужасна хуманитарна грешка“ со нивно враќање во Иран. Трамп нагласи дека ситуацијата е исклучително деликатна, особено поради фактот што многу од преостанатите членки на тимот се плашат за безбедноста на своите семејства во Иран, кои веќе добивале закани.

Пред да го изведат бегството, фудбалерките беа снимени како од тимскиот автобус испраќаат меѓународен „SOS“ сигнал за помош со рацете, додека иранската дијаспора во Австралија организираше постојани протести и бдеења за нивна заштита. Австралиските власти соопштија дека понудата за азил останува отворена и за преостанатите дваесетина членови на тимот, нагласувајќи дека е најважно тие самите да имаат контрола врз одлуката за својата иднина.