Свет Блискоисточна турнеја

Борел заминува на неколкудневна блискоисточна турнеја

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во рамки на својата блискоисточна турнеја Борел ќе ги посети Израел, палестинските автономни територии, Бахреин, Саудиска Арабија, Катар и Јордан.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел од денеска до понеделник ќе престојува во посета на земјите од Блискиот Исток, како дел од напорите на Унијата за изнаоѓање решение за актуелниот конфликт и хуманитарна криза во Газа, по терористичките напади на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во рамки на својата блискоисточна турнеја Борел ќе ги посети Израел, палестинските автономни територии, Бахреин, Саудиска Арабија, Катар и Јордан.

Борел денеска ќе престојува во Израел, каде, меѓу другите, ќе се сретне со претседателот на државата Исак Херцог, министерот без ресор Бени Ганц, шефот на дипломатијата Ели Коен и лидерот на опозицијата Јаир Лапид, како и со претставници на ОН во земјата.

Високиот претставник на ЕУ, исто така, ќе го посети кибуцот на југот на Израел, кој беше цел на терористички напад на Хамас на 7 октомври, а ќе се сретне со преживеани жртви на нападите, со членови на семејствата на Израелците кои се задржани како заложници во Газа, како и со претставници на израелски невладини организации кои се залагаат за мировен договор со Палестинците.

Утре, Борел ќе отпатува за Рамалах на средба со претставници палестинскиот граѓански сектор, по што ќе се сретне со палестинскиот претседателот Махмуд Абас, премиерот Мохамед Штајех и министерот за надворешни работи Риад ал-Малки.

В сабота, високиот претставник ќе престојува во Бахреин, каде ќе учествува на Дијалогот во Манама и ќе се обрати на пленарната сесија насловена „Војна, дипломатија и деескалација“ заедно со ирачкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Фуад Хусеин и шефот на кувајтската дипломатија шеикот Салем Абдула Ал Џабер Ал Сабах. Предвидени се и серија негови билатерални средби со учесници на собирот.

Попладнето, Борел од Манама ќе отпатува за Ријад на средба со саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан Ал Сауд.

В недела, Борел ќе замина за Катар, каде ќе се сретне со катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани и со премиерот и министер за надворешни работи Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим Ал Тани.

Турнејата низ Блискиот Исток, високиот претставник на ЕУ ќе ја заврши в понеделник со посета на Јордан, каде ќе се сретне со јорданскиот кралот Абдалах Втори и со шефот на дипломатијата Ајман Сафади.

Како што соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), целта на мисијата на Борел е да разговара за сите аспекти на состојбата во и околу Газа, вклучително и за хуманитарната помош од ЕУ и за теми поврзани со пошироки регионални политички прашања.

– Високиот претставник ќе ги унапреди дипломатските напори со цел да ги постави условите за постигнување праведен и траен мир меѓу Израел и Палестина и во регионот. Европската Унија е и ќе остане активно ангажирана со сите свои партнери со цел да работи на заживување на политичкиот процес врз основа на решението за две држави, се додава во соопштението на ЕЕАС.  (МИА)

To top