Република Општина без долгови

Тозиевски: После 15 години Општина Ресен е финансиски одблокирана општина

Општина Ресен очекува во наредниот период да се зголемат инвестициите и европските проекти за кои редовно аплицираат.

Тозиевски: После 15 години Општина Ресен е финансиски одблокирана општина

Денешниот ден е историски ден за Општина Ресен затоа што после 15 години односно почнувајќи од април 2009 година, денеска прв пат имаме чиста и без долгови општинска сметка во Општина Ресен, изјави градоначалникот Јован Тозиевски.

На денешната прес – конференција Тозиевски потенцира дека по цели 15 години Општина Ресен финансиски е одблокирана, успех за кој, како што рече, заслужни се соработниците со кои работи во овие две години.

-Оваа блокада на сметката на општината ја тргнавме без ничија интервенција, односно без државна интервенција или кредитна линија, туку тоа го направивме ние самите со домаќинско работење. Со наши средства успеавме да го исплатиме целиот долг, а со тоа во иднина да работиме со нови погледи и да гледаме за развојот на општината. Долгот на општината изнесуваше околу 40 милиони денари во кој беа содржани тужби кон општината од пред 2009 година, како и превземени финансиски обврски кои ги наследивме како нова локална власт. Сите обврски редовно ги сервисиравме и вративме 40 милиони денари кои сами ги заработивме и сами ги вративме со нашето домаќинско работење, истакна Тозиевски.

Општина Ресен очекува во наредниот период да се зголемат инвестициите и европските проекти за кои редовно аплицираат.

-Сега ликвидноста на општината сериозно е зголемена, во ваква ситуација се зголемува интересот кај инвеститорите и затоа цениме дека ова е голема работа. Од денеска пред Министерството за финансии сме чиста Општина, без долгови кон никого, а во моментов во општинскиот буџет имаме и дополнителни 12 милиони денари за непречена работа на Општина Ресен. Продолжуваме со европски проекти бидејќи очекуваме оваа 2024 година да биде најуспешна година за Општина Ресен, како за општината, така и за локалните јавни претпријатија, нагласи градоначалникот Тозиевски.

Општина Ресен во изминативе две години реализира над 80 европски проекти поддржани од фондовите на Европската унија, беше соопштено на прес – конференцијата.  (МИА)

Најнови вести од Република

To top