Обвинителите, со помош на надлежните полициски органи да интервенираат во случаите кога се вршат кривични дела што се гонат по службена должност, побарал обвинителот од Врховниот суд на Грција, Константинос Ѕавелас, во наредбата испратена до обвинителите во целата земја доколку со земјоделските блокади се нарушува безбедноста во сообраќајот, јави дописничката на МИА од Атина.
– Во последниот период се забележува појавата на нарушување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, со намера, главно преку поставување и одржување пречки, но и со други постапки подеднакво опасни за безбедноста на сообраќајот, со блокирање на движењето на возила, на јавни, национални и други патишта, од страна на учесници итн. во активностите на земјоделците во земјата, пишува на почетокот на наредбата од обвинителот, што ја објавуваат грчките медиуми.
Во продолжение додава дека сличен феномен е и нарушувањето на безбедноста на воздушниот сообраќај, со оглед на тоа што земјоделците вчера затворија два аеродроми на островот Крит.
Во наредбата на обвинителот се потсетува дека прекршоците поврзани со попречување на транспортот се гонат по службена должност, бидејќи непреченото функционирање на транспортната инфраструктура е општествено добро.