Регион ГЛОБАЛНИ ПОДГОТОВКИ ЗА ГОЛЕМИОТ СВЕТСКИ НАСТАН

Белград домаќин на Вториот состанок на учесниците на светската изложба „Експо 2027“

Со рекорден број од 137 земји учеснички, меѓу кои и Македонија со својата автентична туристичка и културна понуда, Белград станува центар на светските иновации и традиции.

Белград домаќин на Вториот состанок на учесниците на светската изложба „Експо 2027“

Белград од денеска е домаќин на Вториот состанок на меѓународните учесници на специјализираната изложба „Експо 2027“, во чии рамки во главниот град на Србија престојуваат речиси 500 делегати и претставници на медиумите од 137 земји. Меѓу претставниците на земјите учеснички се водечките светски економии како Соединетите Американски Држави, Германија, Франција, Италија, Шпанија и Кина, а на собирот учествуваат и делегати од Бразил, Мексико, Аргентина, Обединетите Арапски Емирати, Јапонија, Русија, Саудиска Арабија и Израел, како и од клучните држави на африканскиот континент – Јужна Африка, Нигерија, Египет и Етиопија. Во Белград се присутни и претставници на Обединетите нации и други значајни меѓународни организации и развојни агенции.

Во текот на трите дена, на едно место се собрани министри, државни секретари, амбасадори и директори на национални институции задолжени за економија, трговија, иновации, туризам, култура и спорт. Нивната задача е заедно со организаторите да ги дефинираат наредните чекори и плановите за учество на своите земји на „Експо 2027“, настан кој треба да го претвори Белград во глобална платформа за средба на идеи, култури и иновации. Србија е апсолутен рекордер по бројот на пријавени земји за специјализирани изложби, бидејќи досега се пријавиле 137 држави, со што е надминат претходниот рекорд на Астана од 2017 година, која собра 117 земји.

Македонија веќе официјално го потврди своето учество на изложбата, каде ќе се претстави под концептот „Земја на традиција, природа и вкус“. Земјата е препознаена како дестинација со недопрена природа и гостопримство достапно за сите посетители, без оглед на нивниот буџет. Акцентот ќе биде ставен на „искуствениот туризам“, промовирајќи ја традиционалната кујна и старите занаети преку автентични домаќинства каде гостите се чувствуваат како во својот дом.

Географските карактеристики на Македонија, каде планините зафаќаат 80 проценти од територијата, овозможуваат пријатна клима со свежи ноќи и богат биодиверзитет. Како клучни природни атракции се издвојуваат кањонот Матка со своите уникатни ендемски видови и Охридското Езеро, едно од најстарите во светот, кое заедно со Националниот парк Галичица е заштитено од УНЕСКО.

Културното и историското богатство на земјата ќе биде претставено преку повеќе од 4.700 археолошки локалитети, вклучувајќи ја и опсерваторијата Кокино, како и преку бројни сакрални објекти како манастирите Свети Јован Бигорски и Свети Наум. Важен дел од промоцијата е и Старата скопска чаршија, која по онаа во Истанбул е најголема во Европа. Учеството на „Експо 2027“, кое ќе се одржи од 15 мај до 15 август 2027 година, е можност за глобална презентација на македонското музичко и танцово наследство и вековната култура на гостопримство.

To top