Градоначалниците на Струмица и Карпош, Костадин Костадинов и Стевчо Јакимовски, најавуваат повлекување од Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).
Пред сè, оваа нивна одлука е класично самоволие на поединци кои си дале за право својот личен интерес да го стават пред интересот на граѓаните кои ги донесоа на тие функции и од кои земаат плата цели три години.
КУРИР побара став од министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
-Како министер за локална самоуправа, принципиелно, не сакам да навлегувам во внатрешните односи во ЗЕЛС и во нивното работење. ЗЕЛС е единствената асоцијација на единиците на локалната самоуправа која што има мандат да ги застапува нивните интереси пред Владата. Добро е и во иднина да остане така, вели тој.
Перински за КУРИР посочува дека секоја најава за нарушување на единството на ЗЕЛС му штети и на ЗЕЛС и на сите општини.
-Ваквото однесување сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС, затоа што само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и на развојот на општините, зад што оваа Влада застана многу отворено и јасно и преку конкретни решенија тоа веќе го потврдуваме, вели министерот.
Министерот за локална самоуправа оценува дека ваквите потези не се решение и дека со пренасочување на вниманието и политизирање на случојат сите губат, а најмногу граѓаните.
-Најважно од сè е граѓаните да ги добијат услугите. Во конкретниот случај со Струмица, граѓаните имаат сериозен проблем со снабдување со вода. Овој проблем не смеел да биде занемарен за да ескалира до овој степен. Свесни за сериозноста на прашањето, Владата преку министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и другите надлежни институции, пред дваесет дена јавно и понуди помош на општина Струмица за решавање на проблемот со вода за пиење затоа што проблемот беше оценет како еколошка катастрофа. Ова е надлежност на локалната самоуправа, но со оглед дека веќе подолго време проблемите се повторуваат во континуитет Владата не може, а да не реагира, во прашање е здравјето на граѓаните. Ваквите потези не се решение, со пренасочување на вниманието и политизирање на случојат сите губат, а најмногу граѓаните. Тоа не смее да се случува, порача тој.
Го прашавме Перински која е неговата порака до градоначалниците кои во година дена пред избори прават ваков штетен потег за граѓаните во нивните општини.
-Пораката е јасна, како што се јасни и надлежностите кои што произлегуваат од закон. Секој да си ги превзеде одговорностите и сериозно, таму каде што е неопходно и со поддршка на Владата проблемите да се решаваат ефикасно, без одлагање. Граѓаните не смеат да бидат ничии заложници, порача Перински во изјава за КУРИР.