Македонската јавност деновиве се соочи со два, тотално различни резултати по однос на едно исто прашање. Две анкети со драстично различни резултати. Првата е реална анкета со сите потребни податоци на ИПСОС, наспроти „анкета“ без никакви податоци лиферувана од претседателот на СДСМ.
Случајно или не, „анкетата“на СДСМ за наводната недоверба кон власта е лиферувана само еден ден по објавата на аферата за лумперајот и журката на Филипче и Заев во Дубаи. Едната анкета вели дека само 21,3 проценти од граѓаните не се задоволни од работата на Владата, додека пак другата покажува дека дури 65 отсто не се задоволни од работата на Владата- тродупло повеќе! Дали некој ширеше дефокус и сееше магла за да ја засени сопствената брука и резил во Дубаи?
На 1 ноември беа објавени податоци од последната анкета на ИПСОС кои говорат дека 32% од испитаниците дале позитивно мислење за досегашното работа на владата, 23 отсто имаат делумно позитивно, 13,1 проценти делумно негативно, а 21,3 % негативно мислење.
Оваа анкета на ИПСОС е направена телефонски и теренски. Телефонската е во периодот од 9 до 13 октомври на 1.500, а теренската од 1 до 20 октомври на 1.005 испитаници. За неа, меѓу другото, на брифинг со новинарите информираше премиерот Христијан Мицкоски.
Само неколку дена подоцна, во одговор на новинарско прашање лидерот на СДСМ, Венко Филипче потенцира дека дури 65 % од граѓаните не се задоволни од работата на Владата во делот на економијата и животниот стандард. Податоците, според него се од теренска анкета на партијата.
-Нашата теренска анкета покажува дека 65 % од граѓаните не се задоволни од работата на Владата во делот на економијата. Тоа значи дека двајца од тројца испитаници од граѓаните не се задоволни од животниот стандард, од тоа што Албанија не претрка на европскиот пат. СДСМ е подготвен за какви било избори, тоа што има најава за предвремени избори само 5 месеци по формирањето на Владата е доказ дека на Владата навистина не ѝ оди, потенцира Филипче.
Но, она што „заборави“ да го каже е дали ова истражување на јавното мислење има автор, период кога е правена, метод и број на испитаници.
Затоа, „го потсетивме“ и поради објективно информирање на јавноста, одговор побаравме од СДСМ.
-Кој и кога ја направил анкетата? Дали е само теренска? На колку испитаници и во кој временски интервал е направена? Доколку, според ваште информации, 65% не се задоволни, колку биле задоволни, колку се делумно задоволни, колку не одговориле?
Ова се прашањата кои ги испративме до СДСМ, но на кои до објавување на текстот не добивме никаков одговор. Ова наведува кон единствениоит заклучок дека некој ја „истресол од ракав“ наводната анкета, односно излажал. За анкети без потребните податоци за автор, нарачател, примерок, период и број на испитаници, македонски медиуми се казнувани со високи парични казни во минатото.
Се поставува прашањето: Дали некој лаже за наводна теренска анкета? Второто прашање е: Зашто се лиферуваат лажни анкета, за кои законски се сноси одговорност? Трето: Ќе има ли одговорност за кажаното?
Ова е само дел од прашањата кои засега остануваат неодговорени, исто како и прашањата на КУРИР ДО СДСМ.