Македонија Колумни немаме меморија на златна рипка

Кој сака да не НЕ’ БИДЕ? Еден, некрофилски ТРИУМВИРАТ…

И тие сега заткулисно ќе ни уриваат држава за да дојдат пак на власт за да гледаме реприза и повторно да ни го прават истото и да го доурнат тој ист систем кој го девастираа и сега демек ќе го оправале? За жал, нечија, се сеќаваме на „истрагите“ за Модуларната, Ласкарци и Беса транс. Уште повеќе на виновниот кабел, возач и кочници. На „терористите“ од 27-ми април и „невините“ борци од Диво Насеље кои ни убија осум бранители. На повторениот случај за докажаните монструми од Смиљковско. За лагите за малата Тамара, за Мартин Нешковски, за Младенов. Не, немаме меморија на златна рипка…

Кој сака да не НЕ’ БИДЕ? Еден, некрофилски ТРИУМВИРАТ…

Случајноста во политиката и општествениот живот се дефинира како момент кога, едноставно, не се гледаат конците кои ги придвижуат марионетите на сцената. Така и во Македонија, каде многу одамна, никој веќе не верува во „случајности“. Исто, како што никој не верува дека протест однапред осуден на катастрофа така случајно може да се „прероди“ во протест со солидна посетеност. Она, кога знаете дека атмосферата за такво нешто е „нула“, а истата така волшебно минува со некаква просечна оценка.

А, кажаното за „случајноста“? Е, тоа на дело и емпириски го докажа синчето на Владо Бучковски, кое исто така „случајно“ вчера го затвори протестот со објава на мегафон. Пустиот, мораше да се покаже, таа огромна желба да го видат, да знаат дека е дел од прикаската, дека е жив, абе непребол. Исто како што и татко му, кој ничим изазваним, откако по злодејанијата со територијалната поделба исчезна, така апансас се појави како новопечен бугарофил и специјален пратеник за да ни го „зачука“ Францускиот предлог. Се знае. А треба да се заврши некоја валкана задача, сврти му на Буч, не Касиди, нели. А, круша под круша паѓала…

А, да, денеска прес-конференција во СДС држеше никој друг туку синот на Љубомир, Јон Фрчковски. Да, на младите светот останува.

Туку, да не се лажеме, таму имаше и искрени протестирачи, измамени луѓе со чиста душа кои најдоа начин и видоа шанса како да го истурат насобраниот гнев и бес кон системот, со децении наталожен во македонската напатена душа, но тие беа малку. Искрени граѓани кои и натаму не веруваат дека некој ги става во сопствената „колотечина“.

Бидејќи, вистината е дека ова, уште пореално, беше тивко и добро организиран протест на Левица, ДУИ и СДСМ. Да не ги потценуваме како организации, заедно освоија околу 350-60 илјади гласа на изборите, не заборавајте… Искрените и со чиста душа им беа само додадена вредност. Мора да признеме и друго, околностите многу им се погодија, дожд, кабаници, чадори,темница. Подобри услови за инкогнито присуство на партијците на протест, здравје. Анонимноста загарантирана, а тие што требало за идно вработување, унапредување и слични метании, те виделе…

И, друго, не изумувајте, последните месеци стотици граЏани станаа „бездомни“ и безработни поради Трамп и укинувањето на УСАИД. Стотици изгубени душички кои со децении лапкаа илјадници долари, а сега се во потрага по нов стопан. А како до него, ако не те видат. Башка многу револтирани. Не поради трагедијата, ним им е потрагично што сега ќе треба да работат, ама вистински…

И така, кога сите очекуваа реално присуство од две-триста лица, бројката изненади. Или, сепак, не изненади. Верувавте во доблесноста на СДС, во добрината на Венко? Или помисливте дека Али и не е така лош човек, а? Ок, Димитар си се издаде порано преку оние непресметливите и снимени  дилајли околу него уште претходно, па си се дозакопа со момакот со мегафон, ама искрено, поверувавте дека СДС и ДУИ можат и имаат усул, чувства, дека тие политички инфантилни шклопоции создадени за да владејат, крадат и уриваат се’ што е македонско можат да имаат и сочувство?

Ако е така, тогаш многу сте се измамиле. Тешка, геостратешка грешка, што би рекол Муртинхаузен, оној кој сите очекуваат набргу пак да свири клавир. Таму нема, немало и никогаш нема да има ниту трунка емпатија, човечност уште помалку. Ни трошка. А, ако се уште се сомневате, само сетете се на што изградија кариера пред и со Шарената револуција и со што ја хранеа таа иста забегана човечка дееволуција. Ја хранеа со трагичните судбини на Малата Тамара, со Мартин Нешковски, со Младенов, со Диво Насеље, со Монструм. Дузина трагедии, извадени од контекст и крајно извитоперени, која од која полажно претставена само за да се окаља тогашната власт. И сега? Мислите дека овие забегани мизантропи и политички некрофили ќе ја пропуштат кочанската трагедија? Нема шанси, ова за забеганите полтиканти е „кец на десетка“, грда посластица, вакво нешто тие нема теорија да не го искористат.

Ова се перфидни времиња на инстант-формирање на некрофилскиот триумвират на СДС, ДУи и Левица, набрзинка и апансас мобилизација предизвикана од една мега-таргедија. Грди времиња на злоупотреба на емоции, трагедии и несреќни човечки судбини.

Туку, што е триумвират? Триумвират е латински збор со значење „владеење на тројца“ или “тројка“, означувајќи сојузништвото меѓу тројца подеднакво моќни политички или воени водачи – триумвири (triumvir, мн. triumviri).

Историски гледано, нивното сојузништво ретко траело подолг период. Дека било од гол интерес. Исто така, изразот може да се примени како опис на држава во која тројца различни водачи заеднички раководат со државата. Во нашиот случај и за среќа, само би сакале да владејат, пу-пу-пу. Истата таа историја вели дека првиот триумвират го склучиле Цезар, Помпеј и Крас. Тоа се случило во 60 г. п.н.е. и нивна цел била да ги заземат највисоките позиции во Рим. Издржал „цели“ 7 години, па се распаднал.

Последниот обид за ваков ретро-триумвират е во Македонија. Поствоените водачи се од редовите на Левица, СДС и ДУИ. Оваа црна тројка ќе се обиде да ја насочи и канализира болката, но и гневот и бесот насобран и насочен кон руинираниот систем. Иронично, негативни емоции насочени кон системот кој токму тие со песна го урнаа за да можат да владејат, за да променат име на држава, за да можат да наполнат празни џебови, да си исполнат лични амбиции, да не’ дозацрнат национално, економски, образовно, здравствено и СЕКАКО.

Е, сега истите тие уривачи на системот и октроирани политиканти ќе се борат да го оправат ситемот кој самите го урнаа?   Да, неизбежна е сликата не педофил во градинка, најблиска споредба со ликот и неделото на антисистемските хохштаплери кои сега ќе го поправаат урнатото од нив самите.

Преживуваме едно старо-ново некрофилско-политикантско дежа ви. Најкусиот опис на актуелното дејствување на Левица, ДУИ и СДСМ (првите не се нови во прикаската, потекнуваат од шарените некрофили), кои по којзнае кој пат во „кариерата“ се обидуваат мизерно и бедно да поентираат врз нечија тажна судбина. Дегутантна навика која, за жал и очиглед на македонската јавност,  во моментот се случува со злоупотребата на кочанската таргедија.

Неспорно е дека одговорност мора и треба да има, но не ли ги загрижува, барем малку, фактот што со планираните протести и слични изливи на бес ќе учествуваат во пролонгирањето на доаѓањето до истата таа одговорност? Можеби и некому тоа и му е целта, многумина се засегнати со истрагите за работата во минатите години. Или, демек, со притисок, ќе ги натераат властите да го направат тоа побргу? Од друга страна, во брзина се греши, знаеме. Но забораваат ли дека за првпат во историјата некој се осмели да се справи со македонскиот раскрилен до небеса криминално-коруптивен октопод? Дека реакцијата, за промена, беше молскавична, дека 30-на души се во притвор, меѓу нив и вмровци, сдсмовци, дуевисти и кој веќе не? Дека сефте во македонската историја од независнота навака нема ваши, наши, какви и да се повластени, заштитени мечки?

Не, не им текнува, затоа што ги водат инструирани копуци од три партии кои треба да се засрамат од ова што го прават. Кај две од нив, одговорноста за она што ни се случува е 99 насто, поголемо зло од владењето ан СДС/ДУИ немало за оваа држава, систем и народ. Партии кои ги изродија рол-моделите за успешен човек во ликот на Црпко Заев и Артан Груби, дилајли што ни сменија име, знаме, територијално не поделија, ни наметнаа луцидна двојазичност, не испокрадоа и се обидоа да ни продадат револуционери, светци и цареви.

И тие сега заткулисно ќе ни уриваат држава за да дојдат пак на власт за пак да ни го прават истото и да го доурнат тој ист систем кој го девастираа и сега демек ќе го оправале? За жал, нечија, се сеќаваме на „истрагите“ за Модуларната, Ласкарци и Беса транс. Уште повеќе на виновниот кабел, возач и кочници. На „терористите“ од 27-ми април и „невините“ борци од Диво Насеље кои ни убија осум бранители. На повторениот случај за монструмите од Смиљковско. Не, немаме меморија на златна рипка…

Срам да ви е. Да го имавте, де. Вака, останува само да им се чудиме на умот и да гледаме до каде може да оди и дали нечија некрофилија има граници. Мислам дека нема и дека Макијавели, слободно, може да им донесе по една чаша вода.

И натаму не верувате дека некој може да оди толку ниско, не сакате ни да помислите дека „дното има подрум“ и дека адресите на визбите се лоцирани на Бихаќка, Мала Речица и Левица? Може ли некој да биде толку бесчуствителен и  мизерен? Постојат ли такви луѓе? За жал на Македонија и македонската јавност, постојат. И тоа како. Емпириски докажано, во пракса. Бедни, бескруполозни извршители на мисија, на која не би се нафатил ниту Том Круз…

Сепак, искрено се надеваме дека ова е нова статива на Левица/СДС/ДУИ. Уште едно од низата промашувања на самобендисаните некрофилски партии, кои постојано и по навика ја потценуваат интелигенцијата на сопствениот народ. Условите се променти, научивме многу работи, пропативме премногу, а ова се стари, изветвени финти на неинвентивните кулинари, кои по кој знае кој пат се обидуваат да ги протурат своите бајати повраќаници и сплачини и да ги продадат како кулинарско откровение и невиден специјалитет. Некрофилски повраќаници кои ќе имаат „помин“ само кај оние со очи широко затворени.

Белким, како паталци, научивме нешто…

 

Љупчо Цветановски

Најнови вести од Македонија Колумни

To top