Македонија дали аа ќе се приклучи на опозицискиот блок?

Кадровската комисија на АА бара разрешување на Алиу и Меџити, тие порачуваат дека нема да поднесат оставка

Кадровската комисија на Алијансата за Албанците бара разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и министерот за здравство Фатмир Меџити, додека тие пак порачуваат дека нема да поднесат оставка и дека според нив партијата е единствена, има легитимни органи и легитимен претседател – Арбен Таравари.

Кадровската комисија на АА бара разрешување на Алиу и Меџити, тие порачуваат дека нема да поднесат оставка

Откако Таравари најави дека партијата на претстојните парламентарни избори ќе се приклучи кон албанската опозиција доби поддршка од Меџити, а му се спротивставија поранешниот прв човек на партијата Зијадин Села, министерот за правда Кренар Лога и потпретседателката на АА Илире Даути, кои го обвинија дека како поединец не може да одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.

Додека за в сабота е закажано Централното собрание на АА, вчера на третата седница на техничката влада беа разрешени двајца директори од партијата, а за нивното разрешување, како што рекоа Алиу и Меџити, гласале замениците министри од АА, Тирон Јајага и Вјолца Бериша. По ова, се огласи и лидерот на АА, Таравари, кој на социјалните мрежи напиша: „Не отпуштаат затоа што сакаме промена… 8-ми мај….блиску, многу блиску!.“

Кадровската комисија на Алијансата за Албанците вчера попладнево одлучила да му предложи на техничкиот премиер Талат Џафери разрешување на министрите Алиу и Меџити.

-Кадровската комисија на Алијансата за Албанците, составена од 7 члена, како единствен орган на АА за кадровски прашања, со мнозинство од 5 гласа, одлучи да му предложи на премиерот разрешување на министерот за информатичко општество и администрација и министерот за здравство, информираа од партиската прес-служба.

Оваа одлука, се посочува во партиското соопштение, е донесена затоа што преку моќта на министерската функција, но без партиска позиција, двајцата министри спроведуваат дејствија кои, како што велат, се во спротивност со етичкиот кодекс, вклучително и уцени и притисоци врз членовите на АА и вработените, како и денешното јавно кокетирање со ВМРО-ДПМНЕ, посетувајќи го нејзиниот министер.

Алиу и Меџити, пак, порачаа дека нема да поднесат оставка, ниту пак ценат дека партијата ќе бара нивно разрешување. Според нив, Алијанса за Албанците (AA) е единствена, нема крило, има легитимни органи и легитимен претседател – Арбен Таравари.

И Алиу и Меџити напоменаа дека како министри постигнале одлични резултати, работеле дговорно, чесно и транспарентно и тоа, веројатно, некому му пречи. Како што рече Алиу, група во партијата, за нејзини цели, се здружила со ДУИ и прави отпор за АА да оди заедно со ДУИ на изборите.

-Ќе се бориме до крај за да докажеме дека ова што се случува со активистите во нашата партија, прво не е во ред и не е демократски и најверојатно им пречат резултатите, што ги имаат министрите на АА. Најверојатно очекуваат да не фатат на кондиција да дадеме оставка, но од вечерва им велам дека оставка од нас нема да има. Ако имаат други можности и методологии нека се обидат, изјавија Алиу и Меџити вчера на прес-конференција пред Владата.

Алиу и Меџити, рекоа дека на владината седница, и покрај утврдените процедури, заменик претседателот на Владата задолжен за координација на политички прашања на ресорите, Артан Груби бил тој што одлучува која точка ќе помине, а која не. Сите предлози за кои се надлежни Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и Министерството за здравство (МЗ), како што кажаа, Груби, без да ги чита, ги одбивал, а техничкиот премиер Талат Џафери тоа го аминувал. На седницата биле разрешени и двајца директори од Алијанса за Албанците (AA), а за нивното разрешување гласале замениците министри од АА, Тирон Јајага и Вјолца Бериша.

Според нив, нема образложение зошто се разрешени двајцата директори. Како што рекоа, Груби одлучил заедно со членови на АА, директорите да бидат разрешени и најверојатно, разрешувањата, онаму каде што може, ќе продолжат.

Веднаш по прес-конференцијата на двајцата министри, преку својот фејсбук профил се огласи и лидерот на АА, Таравари. Тој напиша: „Не отпуштаат затоа што сакаме Промена. Ви кажуваме повеќе од кога било дека промената почна! 8-ми мај….блиску, многу блиску!.

-Од вчера, дел од една група на АА прави голем притисок врз диркекторите, со цел тие да бидат на нивна страна. Исто така, денеска на седница на Влада имавме точка за разрешување на директори од АА. Станува збор за Бујарe Абази, директорка на Пошта на Македонија и Газменд Абдија, директор на Агенцијата за странски инвестиции, двајцата исклучителни активисти на АА. Тоа ние директно го цениме како „фрлање масло во оган“ од страна на ДУИ, но, за жал, двајцата наши заменици министри, Тирон Јајага и Вјолца Бериша, гласаа за разрешување на овие двајца директори. Сакам да ве известам дека процедурите се такви, таков тип на кадровски прашања прво треба да се синхронизираат на ниво на владина коалиција и потоа да излезат како точки на дневен ред. По моето барање како може тие две точки, тие двајца наши директори да бидат на дневен ред без да бидам јас консултиран како надлежен од нашата партија, Артан Груби инсистираше дека тоа мора да биде така и дека тие мора да бидат разрешени. Артан Груби одлучуваше која точка ќе помине, а која не. Артан Груби сите проекти за кои се надлежни МИОА и МЗ, без да ги чита, ги одбиваше, а, за жал, техничкиот премиер на тоа аминуваше, изјави Алиу.

Меџити оцени дека очигледно не е прашање јавниот интерес на народот, туку политичка одмазда. На седницата, како што рече, предложил покачување на платите на медицинските сестри и останатите здравствени работници, потпишување Колективен договор во МЗ, потпишување Колективен договор за клиниката во Козле што се пренамени во Универзитетска клиника и потпишување одлука за паркингот на Клинички центар, но ниту една од овие точки не била прифатена, сите биле отфрлени наеднаш од страна на техничкиот премиер.

Според Алиу, денешната одлука што ја донесе партиската Кадровска комисија за негово разрешување и за разрешување на Меџити, не е легитимна.

-Не може да биде легитимна. Според нашиот Статут, не може да се донесе таква одлука за назначување или разрешување министри. Ние нема да поднесеме оставка поради две работи. Прво, како што рече колегата Меџити, ние транспарентно, отчетно и чесно работевме, и второ, не цениме дека нашата партија ќе бара наша разрешување, бидејќи нема за што да се бара разрешување на министри кои нависитна работеа и имаат резултати. Во однос на директорите, најверојатно ќе продолжат да разрешуваат тоа што можат, а тоа што нема да можат најверојатно ќе се мачат повеќе или ќе пробаат со други методологии и пристап. Со нас е правдата, ќе се бориме до крај за да докажеме дека ова што се случува со активистите во нашата партија, прво не е во ред и не е демократски и најверојатно им пречат резултатите што ги имаат министрите на АА. Најверојатно очекуваат да не фатат на кондиција да дадеме оставка, но од вечерва им велам дека оставка од нас нема да има. Ако имаат други можности и методологии нека се обидат, подвлече Алиу.

Меџити, вчера на прашањето дали ќе го извести претседателот на техничката Влада Талат Џафери дали се чуствува како дел од Владата или не изјави дека тој нема потреба да одговара никому освен на неговата партија и нејзиниот претседател. Тој додаде и дека му дава целосна поддршка на, како што кажа, легитимниот претседател на партијата Арбен Таравари, кој најави дека на изборите партијата ќе коалицира со опозициските партии. та или не, Меџити рече дека тој нема потреба да одговара никому освен на неговата партија и нејзиниот претседател.

Џафери во интервју за МИА изјави дека ја следи ситуацијата во АА, која има тројца министри во владиниот состав, и дека ќе постапи согласно неговите надлежности. Тој вели дека нема да се раководи од Фејсбук статуси, туку дека членовите на Владата од оваа партија ќе треба официјално по институционална линија да се изјаснат во ситуација кога имаат спротиставени ставови дали имаат чувство на припадност на овој состав или не.

-Во принцип знаете многу одамна сум кажал не сум политичар од Фејсбук, сходно на тоа не сум премиер кој се раководи со изјави по Фејсбук или на партиски активности. Јас сум премиер на оваа Влада и соодветно ќе треба да се изјаснат, официјално, членовите на Владата во ситуација кога имаат спротивставени ставови, да се изјаснат по институционална линија дали имаат чувство на припадност на овој состав или не. Не можам да се раководам по она што се случува по телевизии и по конференции партиски, изјави Џафери во интервјуто за МИА.

Вели дека има воспоставено и лична комуникација со министрите и со замениците и дека тие можат секогаш да го побараат, но нагласува дека тој ќе се раководи од институционалната постапка и соодветно на тоа ќе одлучи каков ќе биде исходот.

Во сабота во 13 часот во Скопје е закажано Централно собрание на Алијанса за Албанците. Одржувањето на Централното собрание доаѓа откако претседателот на АА, Арбен Таравари најави дека партијата на претстојните парламентарни избори ќе се приклучи кон албанската опозиција. Таравари доби поддршка од министерот за здравство Фатмир Меџити, а му се спротивставија поранешниот прв човек на партијата Зијадин Села, министерот за правда Кренар Лога и потпретседателката на АА Илире Даути. Тие го обвинија Таравари дека тој како поединец не може да одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.

Најнови вести од Македонија

To top