Македонија

Героски: Судија Илија Трпков, да судеше на стадион, знаеш ли како би ти викала публиката?

Вељаноски, Јанакиески и Ристовски веќе се слободни луѓе

Героски: Судија Илија Трпков, да судеше на стадион, знаеш ли како би ти викала публиката?

Некаде во 2020 година, пред воопшто да почнам да пишувам за судскиот процес „Организатори на 27 април“, поточно за случајот на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, решив прво добро да ги проучам сите достапни списи и информации за предметот, за прво самиот да пресудам дали кај него можеби има грам вина, или човекот го судат и го малтретираат на правда божја, пишува новинарот Бранко Героски за ПлусИнфо.

Тоа му го кажав на Вељаноски на нашата прва средба. За да се запознаам со деталите на предметот, од него побарав да ги прочитам и обвинението и неговата одбрана. Нашиот договор беше мошне едноставен – ако јас се посомневам дека човекот можеби е жртва на нефер прогон, тој ја презема обврската да ми ги даде на увид списите и записниците од текот на сите судски расправи. И тогаш се посомневав, а и сега сум со впечатокот дека веројатно за овој случај имам прочитано повеќе од судечкиот судија Илија Трпков. Станува збор за сите записници за текот на „спорната“ собраниска седница на 27 април 2017 година, сите записници од сведочењата и од вкрстените испитувања на сведоците и уште мал милион други „папири“.

Поинаку и не можеше да постапи еден новинар, кој во годините на владеењето на СДСМ на Зоран Заев и на неговите инсталати во обвинителствата и во судовите, остана безнадежно осамен во отпорот против сфаќањето на правдата како одмазда, против политиката „че си лежите“ како суштина на „реформите“ во ресорот правосудство, против апсанџиството како политичка филозофија и против сеирот и злорадоста како доминантен дух на македонското „граџанство“ инволвирано во политиката на најбрутален можен начин – преку еден организиран линч на политичките неистомисленици, во медиумите и на социјалните мрежи.

Бесмислено обвинение
На 7 јули 2021 година, во мојата колумна под наслов „Време е правдата да се јави и да каже – присутна!“, јавно и јасно ја соопштив својата „пресуда“ за овој случај: бесмисленото обвинение против Вељаноски (злодело на легендарната Вилма Русковска) никогаш и не требаше да влезе во судот, или во најмала рака, требаше да биде повлечено откако сите сведоци на одбраната на Вељаноски (46 на број) – негови некогашни политички сојузници, но и политички противници, меѓу кои и тогашниот лидер на опозицијата и подоцнежен премиер Зоран Заев! – потврдија дека спикерот на ниту еден начин не ги предизвикал настаните од 27 април, ниту пак е некаков „организатор“ на обидот да се спречи мирниот трансфер на власта.

Во таа колумна напишав: „Паѓањето на обвинението против Трајко Вељаноски би можело да биде пресвртната точка во конечното отфрлање на тиранија на арбитрерната правда. Време е силно да ја развиеме свесноста дека навистина, како што вели Монтескје, нема поголема тиранија од онаа што се спроведува под штитот на законот и во име на правдата. Тоа не е правда, тоа е сепак тиранија. Време е да ја поддржиме независноста на судот во битката против политичките калкулации и манипулации“.

Тогаш, речиси цел месец пред првостепената пресуда, наивно верував дека судијата Трпков ќе размисли за овие мои пораки и за фактот дека наспроти планината од недвосмислени сведоштва и наспроти мноштвото од материјални докази за невиноста на Вељаноски, нема да застане на страната на тривијалните провокации на обвинителката Русковска и на исказите на пар дежурни лажни сведоци, оспорени и побиени во доказната постапка, пишува Героски.

Героски: Вељаноски, Јанакиески и Ристовски веќе се слободни луѓе

-Да се вратиме сега на случајот „Организатори на 27 април“. Како што е познато, на вчерашното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција достави мислење до судот, во кое се согласува со ставот на одбраната дека во овој случај треба да биде применет Законот за амнестија од 2018 година. За еден од обвинетите, Владимир Атанасовски, нема да може да се примени овој правен институт, бидејќи за поранешниот директор на УБК важат исклучоците од амнестијата.

Ова значи дека за разлика од судијата Трпков, некој во Обвинителството размислил за образложението на пресудата на Апелациониот суд, го расправил прашањето на примената на Законот за амнестија и донел правилна одлука дека тројца обвинети морало да бидат амнестирани. Ова практично и недвомислено значи дека Обвинителството се откажува од натамошно гонење на Трајко Вељаноски, на Миле Јанакиески и на Спиро Ристовски. Судијата Трпков можел со мирна душа уште вчера да даде пауза, да го свика судечкиот совет и веднаш да ги ослободи тројцата од натамошно гонење. Наместо тоа, тој закажал ново рочиште на 23 јануари догодина, кога судечкиот совет треба да одлучи за барањето на странките и за мислењето на Обвинителството, пишува тој.

Целиот текст на Героски прочитајте го на ПлусИнфо

To top