Крпење на дупките, вака вечерва министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска го нарече ребалансот на Буџетот за 2024 година што денеска, по предлог на Владата, беше донесен од Собранието.
Како што оцени Димитриеска Кочоска во Дневникот на ТВ Сител, со иницијалниот Буџет не било планирано она што било законски, а со ребалансот, предвидено е не само тоа, туку и сервисирање на многуте доспеани обврски. Има пари, рече, за плати, пензии, како и средства за општините.
Министерката смета дека линеарното зголемување на пензиите е најдобриот модел, а минималната плата и нејзиното покачување, треба да се утврдува, како што рече, правилно, врз реална основа.
За коридорите 8 и 10, повтори дека двата проекта не може паралелно да се тераат. Можеби за две-три години, објасни, ќе може да се вклучи Коридорот 8 кој засега за нас нема додадена вредност, а Коридорот 10, нагласи, за бизнис секторот е многу поважен и притоа, обврска и приоритет на власта е на компаниите да им излезе во пресрет.
На прашањето за „Бехтел и Енка“, Димитриеска Кочоска одговори дека за следната година се предвидени 250 милиони евра.
-Во однос на минималната плата и нејзиното зголемување, треба реално да ја гледаме работата. Лично би сакала на сите да им се зголемат платите. Но, кога ги поставувате работите, треба да бидат на реална основа. Мора да работиме на правилно утврдување на минималната плата што значи поголема продуктивност. Мора работите да ги гледаме на долг рок. Во однос на пензиите, сега најмногу ќе добијат оние со најниски пензии од 13 000 – 13 500 денари. Ќе одиме со линеарно зголемување во септември и март, а потоа се враќаме на старата метоодоглоија. Ако лично мене ме прашувате, јас сум за линеарен раст на пензиите, подвлече Димитриеска Кочоска.
Осврнувајќи се на долгот, нагласи дека веќе не постои ризик за кредитниот рејтинг на државата.
-Вкупно 181 милион евра е долгот што ние го правиме заради куп допсеани обврски кои не беа ниту пријавени, истакна министерката.
Таа се осврна и на Законот за зголемување на фукционерските плати кој, потсети, го донесе претходната власт. Предложи да се донесе закон за намалување на платите на функционеирите, сите да ги вратат парите што досега ги добиваа по основ на зголемени функционерски плати и оние што земаат, да престанат со апанажа. (МИА)