„За овој невиден успех, на новоизбраниот претседател Доналд Трамп постојат многу причини, кои сепак можеме да ги класифицираме во две големи групи, економски и идеолошки причини. Акцент секако ставаме на економските причини, а тоа пред се е високата инфланција, зголемувањето на кириите за домување, работните места, даноците…
Ова во изјава за КУРИР го истакнува поранешниот амбасадор и одличен познавач на состојбите во светската политичка сцена, Оливер Шамбевски.
-Кампањата на новоизбраниот претседател Трамп многу вешто ја искористи перцепцијата на Американците од сите бои и социјални статуси, дека администрацијата на претседателот Бајден, чиј интегративен и многу важен дел е потпретседателката Камала Харис, исклучително лошо се справуваше со овие прашања што доведе до огромна фрустрација и песимизам кај гласачите кои имаа(т) потреба да изберат човек кој ќе знае да се справи со овие прашања и затоа фокусот на кампањата го стави токму на овие теми. За разлика од него противкандидатката Харис не само што избегнуваше да зборува на овие теми туку и запрашана што би сменила од политиките на Бајден, одговори апсолутно ништо. Току ова аналитичарите го посочуваат како клучна грешка и причина за пораз на демократите и победата на Доналд Трамп, но уште пострашно за демократите е што заради погрешната тактика изгубија огромен дел од своите традиционални поддржувачи кај американските малцинства кои во значителен број гласаа за Трамп и тоа токму од овие причини кои ги споменавме погоре, пред се тука мислам на црното и хиспанското население во САД, анализира Шамбевски.
Според него, многу битна е втората група причини, а тоа се идеолошките.
-Мора да имаме предвид при анализите дека Соединетите Држави како никогаш досега, ако се изземе периодот пред граѓанската војна, беа (се) идеолошки поделени. Тие поделби се со голем емотивен набој, како што е „Вок“ идеологијата, правото на абортус ,прашањето на илегалните имигранти и се чини дека агресивноста со која се наметнуваа и инсистирањето на овие прашања од страна на демократите предизвика сосема спротивен ефект па загубија сериозен процент токму кај умерените во својата изборна база. На моменти, токму заради подобрите економски политики на тимот на Трамп, но и заради очигледниот елитизам на врвот на демократската партија кои инсистираше на наметнување на прашања од родовата идеологија, во период кога луѓето беа најзагрижени за цените на храната и кириите, ги направија демократите и потпретседателката Харис да личат дека се целосно без контакт со реалноста, изгледаше како демократите и особено потпретседателката Харис да не е запознаена со стравовите на американците туку само на една тесна група на нивни пријатели и на американската елита. Имајќи го ова предвид и комбинирано со антиестаблишмент реториката на новоизбраниот претседател Трамп ја направија неговата победа неизбежна и единствена од тој вид во американската историја, истакна тој за КУРИР.
Шамбевски не очекува тектонски промени во односите на Македонија со САД, но како многу важни ги истакнува одличните односи на македонската Влада со луѓето од американската администрација.
-Стратешките интереси и на двете земји секако остануваат исти, но она што мислам дека ќе биде неспоредливо подобро од досега, ќе биде можноста на македонските политичари да имаат директни врски и контакти со највлијателните луѓе во тимот на новоизбраниот претседател Трамп. Очигледно е дека актуелната македонска Влада има одлични врски и односи со клучни луѓе во идната американска администрација, кои се базирани како на зеднички светоглед така и на лични пријателства, а кои ако правилно ги искористат може македонските позиции по многу прашања да бидат директно слушнати и пренесени, а со тоа веројатно и подобро разбрани. Во светот на дипломатијата тоа е огромна придобивка. Па од тука сметам дека односите можат да имаат само нагорна линија и да станат уште поблиски од ова што се денес, а денес се исклучително добри, вели Шамбевски.
Го прашавме какви промени можат да се очекуваат во светот, по убедливата победа на Доналд Трамп во САД.
-Светот очигледно минува низ многу предизвици и во моментов е на крстопат, со опасни редефинирања на позициите и сферите на интерес. Очекувам дека новоизбраниот претседател Трамп, ќе биде фокусиран на зачувување и унапредување на американската позиција како најсилна и највлијателна држава во светот изразена во доктрината „Прво Америка“ (America First), а за тоа да се случи ќе мора да се смират жариштата како она во Украина и она на Блискиот Исток и тоа токму со американско посредништво, за да можат САД да го зачуваат своето влијание на овие точки на триење во Светот, но и да му демонстрираат дека без нивен ангажман Светот би бил понесигурно и понеизвесно место за живеење. Во моментов се чини дека американската дипломатија тоа ќе го постигне, барем на прашањето на Украина, а веројатно делумно и на Блискиот Исток. Но, она кај што можеме да очекуваме посериозни тензии, иако мислам дека нема да видиме сериозна ескалација, е Пацификот и односите со НР Кина, па до некаде и со ДНР Кореа. Таму очигледно ќе се води следната голема трговска битка за доминација во тој регион, а со тоа и во Светот и мислам дека фокусот на новата американска администрација ќе биде насочен токму таму, заклучува Шамбевски во разговор со КУРИР.