Четири лица загинаа, а уште 23 се повредени кога патнички воз се судри со товарен воз во чешкиот град Пардубице, соопшти министерот за внатрешни работи Вит Ракушан за државната телевизија рано утрово.
– Судирот на двата воза во Пардубице е голема трагедија, напиша чешкиот премиер Петр Фијала на Х, изразувајќи сочувство.
– Нашите мисли се со жртвите и повредените, додаде тој.
Од 23 повредени лица, 20 се здобиле со полесни повреди, а тројца се со потешки повреди, рече Ракусан.
Според противпожарната бригада, во патничкиот воз имало повеќе од 300 луѓе.
На местото на несреќата, на околу 100 километри источно од Прага, распоредени се голем број пожарникари, болничари и лекари, како и два спасувачки хеликоптери.
Ракусан и министерот за транспорт Мартин Купка веднаш отпатуваа на местото на несреќата откако добија извештаи за инцидентот.
Купка рече дека се уште е рано да се коментира за веројатната причина за несреќата бидејќи истрагата се уште е во тек.
Во Чешка, фаталните железнички несреќи во јули 2020 и август 2021 година поттикнаа повици за модернизација на железничката инфраструктура.
Владата планира да го имплементира Европскиот систем за контрола на возови (ETCS) низ целата железничка мрежа до 2025 година за да ја подобри безбедноста.