Свет Борел во Европскиот парламент

Треба да биде можно да се критикува Израел без обвинувања за антисемитизам

Треба да може да се критикуваат постапките на Израел без обвинувања дека таквата критика значи омраза кон Евреите, изјави денеска во Европскиот парламент високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Жозеп Борел.

Треба да биде можно да се критикува Израел без обвинувања за антисемитизам

По враќањето од петдневната мисија на Блискиот Исток, Борел зборуваше во Европскиот парламент во Стразбур за војната во Газа.

Тој го осуди нападот на 7 октомври на Хамас врз јужен Израел, нарекувајќи го најголемиот масакр на Евреите од Втората светска војна, но ја осуди и „хуманитарната катастрофа“ што следеше во Појасот Газа.

„Резултатот од (израелската) блокада (на Појасот Газа), која ја спречи испораката на основните материјали, е исто така еден вид масакр“, рече Борел, шпански социјалист, пренесува Хина.

– Треба да се признае правото на Израел да се брани, но во исто време да се биде огорчен од она што им се случува на палестинските цивили, рече Борел и нагласи дека треба да биде можно да се критикува политиката на Израел „без обвинувања дека тоа значи омраза кон Евреите“.

Тој рече дека е меѓу првите кои се спротивставиле на прекинот на снабдувањето со вода и електрична енергија во Појасот Газа, што е кршење на меѓународното право, и дека му рекол на Израел дека на енклавата треба да и се даде пристап до лекови, вклучително и анестетици.

Тој нагласи дека ЕУ е крајно загрижена и за нападите на израелските доселеници врз цивилното палестинско население на другата палестинска територија – окупираниот Западен Брег.

Борел рече дека конфликтот не може да се реши со воени средства и дека Хамас не може да остане на власт во Газа, но не може да биде ниту под контрола на Израел.

Еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич предупреди дека во Појасот Газа загинале најмалку 12.000 луѓе, меѓу кои голем број жени и деца, дека 1,7 милиони луѓе се бегалци и има недостиг од храна, лекови и вода за пиење.

Хуманитарната помош во храна задоволува само 10 отсто од потребите, само девет од 35 болници во Газа работат, само 50 камиони со залихи пристигнуваат дневно, а ниту еден не влезе неколку дена минатата недела, додаде Ленарчич, предупредувајќи и дека мора да запре насилството на израелските екстремистички доселеници во Западниот Брег.

Хрватскиот европратеник Тонино Пицула, од клубот на социјалисти и демократи, рече дека Израел има право да се брани и да се бори против терористите на Хамас, но дека не смее да го прекрши меѓународното право со лишување на цивилите од основните потреби.

Тој го поздрави денешниот договор за прекин на огнот и ослободување на некои од заложниците, но рече дека „потребни се уште многу чекори“ за формирање на суверена палестинска држава „која ќе биде во мир со израелската држава“.

To top