Свет климатски промени

Рекордите се уриваат – и февруари најтопол во историјата

Во меѓувреме, температурата на површината на морето е најтопла во историјата, додека мразот на Антарктикот станува се потенок.

Рекордите се уриваат – и февруари најтопол во историјата

Минатиот месец беше најтоплиот февруари во светот во модерната историја, според климатската служба на Европската унија (ЕУ), што е само еден од низата температурни рекорди.

Всушност, секој претходен месец од јуни 2023 година бележи нови рекордни температури за тој период од годината.

Во меѓувреме, температурата на површината на морето е најтопла во историјата, додека мразот на Антарктикот станува се потенок.

Една од причините за сето ова е топлотниот бран Ел Нињо, но пред се човечкиот фактор е главната причина за климатските промени.

„Гасовите на стаклена градина што ја заробуваат топлината се очигледно главниот виновник“, истакнува Селесте Сауло од Светската метеоролошка организација.

Концентрациите на јаглерод диоксид се на највисоко ниво во последните два милиони години и во текот на минатата година се искачија на речиси рекордно ниво, според Агенцијата за клима на Обединетите нации.

Така, февруари 2024 година беше 1,77 степени потопол од февруари во „прединдустриската ера“, пред луѓето да почнат да согоруваат големи количини на фосилни горива, според Службата за климатски промени на ЕУ.

Претходниот рекорд од 2016 година беше соборен за околу 0,12 степени.

Високите температури особено ја погодија Западна Австралија, Југоисточна Азија, Јужна Африка и Јужна Америка.

Просекот во изминатите 12 месеци сега е 1,56 степени над прединдустриските нивоа.

Според Парискиот климатски договор од 2015 година, кој го потпишаа речиси 200 земји, целта е да се задржи затоплувањето под 1,5 степени, со цел да се избегнат најлошите ефекти од климатските промени.

To top