Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху в четврток во Белата куќа ќе има средба со американскиот претседател Џозеф Бајден, кој закрепнал од Ковид 19.
Тоа синоќа го соопштија од кабинетот на Нетанјаху и од Белата куќа. Средбата на Нетанјаху со претседателскиот кандидат на Републиканската партија, поранешниот американски претседател Доналд Трамп, првично беше најавена за денеска, потоа за четврток, а сега е закажана за в петок на Флорида во резиденцијата на Трамп во Мар а-Лаго.
Со нетрпение очекувам да го пречекам Биби Нетанјаху во Мар а-Лаго во Палм Бич, Флорида. За време на мојот прв мандат имавме мир и стабилност во регионот (Блискиот Исток)“, рече Трамп, најавувајќи дека повторно ќе биде така бидејќи очекува повторно да дојде на власт. Тој исто така изјави дека во разговор со претседателот на Украина Володимир Зеленски и другите светски лидери минатата недела, тој најавил дека ќе покаже дека „мора да престанат страшните и убиствени војни и насилни конфликти“.
Тој, исто така, рече дека милиони луѓе умираат и дека американската потпретседателка и најверојатен демократски кандидат за претседател Камала Харис „нема апсолутно никаква способност да го спречи тоа“.
Премиерот на Израел од понеделник е во Вашингтон, а главна точка на неговата посета ќе биде неговиот говор денеска на заедничката специјална седница на двата дома на американскиот Конгрес. Тој очекува оваа недела да се сретне со потпретседателката Камала Харис, веројатниот кандидат за претседателските избори откако Бајден се повлече од трката во неделата.