Израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека денеска на разговор ќе ги повика амбасадорите на земјите во Советот за безбедност на ОН кои гласаа за полноправно членство на Палестинците во ОН.
Амбасадорите на Франција, Јапонија, Јужна Кореја, Малта, Словачка и Еквадор ќе бидат повикани и ќе им биде испратена силна протестна нота“, објави Министерството на платформата Икс.
Нацрт-резолуцијата претставена од Алжир, која „му препорачува на Генералното собрание Палестина да биде прифатена како членка на ОН“, во четвртокот доби 12 гласа „за“, еден против и два воздржани.
Приемот на една земја во ОН мора прво да добие позитивна препорака од Советот за безбедност (најмалку девет од 15 гласови, и без вето од која било постојана членка), а потоа да биде одобрена од Генералното собрание на ОН со две третини мнозинство.
За време на гласањето во Советот за безбедност на ОН, САД ставија вето на резолуцијата за полноправно членство на Палестина во ОН. Тоа предизвика незадоволство кај палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој вчера изјави дека ќе ги преиспита односите со Вашингтон.