Свет Израел има две цели

Експерти сметаат дека воената кампања на Израел во Газа е меѓу најсмртоносните и најразорните во историјата

Убиени се повеќе цивили отколку во тригодишната кампања предводена од САД против терористичката организација Исламска држава.

Експерти сметаат дека воената кампања на Израел во Газа е меѓу најсмртоносните и најразорните во историјата

Воената кампања на Израел во Појасот Газа сега е меѓу најсмртоносните и најразорните во историјата, велат експерти.

За нешто повеќе од два месеци од офанзивата, уништувањето на таа мала палестинска територија е поголемо отколку во сирискиот град Алепо од 2012 до 2016 година и во украинскиот Мариупол или пропорционално со сојузничкото бомбардирање на Германија во Втората светска војна.

Убиени се повеќе цивили отколку во тригодишната кампања предводена од САД против терористичката организација Исламска држава.

Израелската армија не открива многу за видовите бомби и артилериската муниција што ги користи во Газа, но судејќи по остатоците пронајдени на местото на експлозиите и врз основа на анализата на снимката од нападот, експертите се убедени дека најголемиот дел од бомбите фрлени на опколената енклава се од американско производство.

Тие тврдат дека се користат и бомби „бункер бастер“ тешки 900 килограми, кои убиле стотици луѓе во густо населените места. Користењето на вакви бомби на отворено значи моментална смрт за секој оддалечен до 30 метри, а смртоносни делови можат да се најдат на оддалеченост од 365 метри.

Бројот на убиени Палестинци од почетокот на војната на 7 октомври надмина 20.000 и меѓународната заедница повикува на прекин на огнот, но Израел најави дека ќе ја продолжи кампањата додека не ги уништи воените капацитети на Хамас.

Палестинските екстремисти предводени од исламскиот Хамас убија повеќе од 1.200 луѓе и зедоа 240 заложници во прекуграничен напад што ја предизвика војната.

Во израелската офанзива се уништени две третини од сите згради во северниот дел на Газа и четвртина од зградите на југ во областа Кан Јунис, заклучено е врз основа на анализа на сателитски податоци.

Процентот на оштетени згради, вклучително и десетици илјади домови, училишта, болници, џамии и продавници во Кан Јунис, е речиси двојно зголемен во првите две недели од офанзивата на југот.

Набљудувачите на ОН соопштија дека 70 отсто од училиштата низ Газа се оштетени, вклучително и најмалку 56 кои служеле како засолништа за раселените цивили.

Во израелските напади беа оштетени 110 џамии и три цркви.

Израел смета дека Хамас е одговорен за големиот број цивилни жртви бидејќи, како што тврди, групата ги користи како жив штит.

Од 1942 до 1945 година, сојузниците нападнаа 51 германска населба, уништувајќи 40 до 50 отсто од нивната урбана област, изјави Роберт Пејп, американски воен историчар.

Тој наведува дека тоа е во просек 10 отсто од зградите во Германија наспроти 33 отсто од зградите во Газа, територија од само 360 квадратни километри со 2,3 милиони жители.

– Газа е една од најинтензивните казнени кампањи во историјата, рече Пејп.

Во деветмесечната битка во 2017 година против Исламска држава во ирачкиот град Мосул, загинаа околу 10.000 цивили, од кои една третина во бомбардирањето на коалициските сили.

Од 2014 до 2017 година, во кампањата против Исламска држава во Ирак беа извршени речиси 15.000 напади низ целата земја, а израелската војска минатата недела соопшти дека извршила 22.000 напади.

Израел има две цели, да го уништи Хамас и да ги ослободи 129-те заложници кои сè уште ги држат екстремистите во Газа.

По 11 недели војна, Израел тврди дека уништил многу локации на Хамас, стотици влезови во тунели и убил околу 7.000 борци од околу 30.000 до 40.000.

Израелските лидери велат дека интензивниот воен притисок е единствениот начин да се ослободат повеќе заложници, но семејствата се загрижени дека бомбардирањето ги става во опасност.  (МИА)

To top