Свет

ЕК започна истрага против ТикТок за прекршување на Законот за дигитални услуги на ЕУ

Европската комисија започна формална постапка за да процени дали ТикТок можеби го прекршил Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) во делот на заштитата на малолетниците, транспарентност во рекламирањето, пристапот до податоците, како и управувањето со ризиците од штетни и содржини што предизвикуваат зависност, јави дописникот на МИА од Брисел.

ЕК започна истрага против ТикТок за прекршување на Законот за дигитални услуги на ЕУ

Како што соопшти ЕК, ваквата одлука е донесена врз основа на досега спроведената прелиминарна истрага, како и врз основа на анализа на извештајот за проценка на ризикот и на одговорите на нејзините формални барања за информации доставни од страна на ТикТок.

Според најавата постапката ќе се фокусира на усогласеноста со обврските од ДСА поврзани со проценката и ублажувањето на системските ризици и реални или предвидливи негативни ефекти кои произлегуваат од дизајнот на системот на ТикТок, вклучувајќи ги и алгоритамските системи, кои можат да стимулираат зависности во однесувањето.

– Ваквата проценка е потребна за да се спречат потенцијалните ризици за остварување на основното право на физичката и менталната благосостојба на корисниците, почитувањето на правата на детето, како и влијанието врз процесите на радикализација. Понатаму, мерките за ублажување што се применуваат во овој поглед, особено алатките за проверка на возраста што ги користи ТикТок за да го спречи пристапот на малолетниците до несоодветна содржина, може да не се разумни, пропорционални и ефективни, се наведува во соопштението.

Дополнително ќе се проверуваат мерките за обезбедување високо ниво на приватност, безбедност и сигурност за малолетниците, особено во однос на стандардните поставки за нивната приватност, усогласеност со обврските на ДСА поврзани со рекламите и зголемување на транспарентноста на ТикТок и недостатоците во давањето пристап до јавно достапните податоци.

Комисијата посочува дека отворањето на формална постапка не го прејудицира нејзиниот исход, како и дека за време на нејзиното траење може да покрене и друга истрага поврзана со прекршување на одредбите од ДСА, како на пример со ширењето на илегални и терористички содржини, сексуална злоупотреба на деца на интернет или известувања за сомнежи за кривични дела.

Законот за дигитални услуги не поставува законски рок за завршување на формалните постапки, чие времетраење зависи од неколку фактори, вклучувајќи ја сложеноста на случајот, степенот до кој платформата соработува со Комисијата и остварувањето на нејзините права на одбрана.

ТикТок беше прогласена за „многу голема онлајн платформа“ на 25 април 2023 година врз основа на Законот за дигитални услуги на ЕУ, затоа што социјалната мрежа во тој период имала 135,9 милиони месечни активни корисници во Унијата. Со прогласувањето за „многу голема онлајн платформа“, од август минатата година ТикТок мораше да започне да се усогласува со низата обврски утврдени во ДСА.

Инаку, од саботата одредбите од Законот за дигитални услуги важат на сите интернет сајтови, а не само за оние кои лани го добија статусот на „многу големи онлајн платформи“.

To top