Свет

Белгиските земјоделци најавуваат продолжување на протестите и блокада на Брисел во четврток

Белгиските земјоделци најавуваат продолжување на протестите и блокада на Брисел во четврток

Белгиските земјоделци кои викендов започнаа протести со блокирање патиштата во неколку делови на земјата, соопштија дека ќе продолжат со блокадите и во текот на неделава, а за в четврток, кога во Брисел е закажен вонреден Самит на ЕУ, најавија упатување кон главниот град на Белгија.

Белгиските земјоделци кои им се придружија на протестите на нивните колеги во Германија, Полска, Романија, Франција и Холандија, генерално излегоа со слични барања – за намалување на административното оптоварување и олабавување на европските еколошки политики, со цел, како што тврдат, да му се овозможи на земјоделскиот сектор да биде „вистински економски, еколошки и социјално одржлив“.

Земјоделците во франкфонскиот регион Валонија вчера организираа застој, а потоа и целосна блокада на автопатот јужно од гардот Намир на југот во Белгија. Во рамки на протестот наречен „Операција полжав“, тие прво со десетици трактори се движеа бавно по автопатот, предизвикувајќи застој и успорување на сообраќајот, за потоа целосно да ја блокираат оваа патна делница.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, протестот го организираа Валонската федерација за земјоделство (ФВА) и Федерација на млади фармери (ФЈА), под слоганот „Што е многу, многу е“, изразувајќи незадоволство од „задушувачката“ ситуација во која се наоѓаат земјоделците.

Според ФВА, потребно е „итно вистинско поедноставување на административните процедури“, „длабинска“ ревизија на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, како и спроведување на „економска, еколошка и социјална проценка од страна на Европската комисија за последиците од сите закони и ограничувања што таа ги воведе во земјоделството во последните години“.

Покрај ова, Федерацијата бара и компензација за „сите ограничувања“, субвенции за покривање на зголемените трошоци како последица на инфлацијата, ограничување на слободниот увоз на земјоделски производи од трети земји што не ги исполнуваат стандардите што важат за продуктите од ЕУ, како и олеснет пристап до земјоделско земјиште.

Следејќи го примерот на своите француски колеги, кои под мотото „Одиме на глава“ ги превртуваат таблите со имињата на градовите и населените места на сообраќајниците, и белгиските земјоделци превртија неколку табли и патокази на влезовите во градовите.

За неделава е најавено кон протестите да се приклучат и земјоделците од северниот холандофонски регион Фландрија, по што, според најавата на регионалното радио Еуроп 1, в четврток земјоделците од цела Белгија ќе се упатат на протестни собири и блокади кон Брисел, каде е закажана вонредна средба на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ посветена на постигнување договор за ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка на блокот поврзана со доделувањето помош на Украина.

Инаку, радиото Еуроп 1, кое емитува програма на француски јазик на територијата на Белгија, Франција и Швајцарија, од 2022 година е во сопственост на францускиот медиумски магнат Вансан Болоре, познат по своите десно популистички ставови, кој на претседателските избори во Франција истата година застана зад националистот Ерик Земур, кого неговите ривали го оквалификуваат како „протофашист“.

Зголемениот интензитет на земјоделски протести во повеќе европски земји поттикнува загрижености кај традиционалните европски умерени политички сили, дека незадоволството на земјоделците би можело да биде злоупотребено од страна на десните екстремистички и популистички партии.

Во такви услови, потпретседателот на Регионалната влада на Валонија и министер за економија, надворешна трговија, просторно планирање и земјоделство Вили Борсус синоќа најави формирање работна група што ќе вклучува претставници на белгиските федерални и регионални власти, но и на ЕУ, со цел да се најде решение за барањата на земјоделците за намалување на административната преоптовареност.

Најавена е и средба на белгискиот вицепремиер и министер за средна класа, мали и средни претпријатија, самовработување, земјоделство, социјална интеграција и урбана политика Давид Кларенвал со претставници на Валонската федерација за земјоделство (ФВА), Федерацијата на млади фармери (ФЈА), валонската Обединета федерација на организациите на одгледувачи и фармери (ФУГЕА) и на фламанскиот Генерален синдикат на фармерите (АБС).

Според Кларенвал, барањата на земјоделците треба да се „решаваат на регионално, федерално и европско ниво“, пред се во однос на намалување на административните и прекумерните еколошки оптоварувања, увозот од трети земји врз основа на договорите за слободна трговија склучени на ниво на ЕУ, како и „обезбедување пристоен приход“ за земјоделците.

– На земјоделството треба да се гледа како на суштинска стратешка гранка, а не како на варијабла за прилагодување кон другите политики, особено оние за животна средина, како и кон буџетот, додаде Кларенвал.

To top