Изборот на новиот шеф на албанското Специјално обвинителство против корупција и организиран криминал, СПАК, привлече најголемо дипломатско внимание до сега.
Тоа го потврдува рекордниот број амбасади кои најавиле учество на утрешниот состанок на Високиот совет на обвинители (КЛП), на кој ќе се избира новиот шеф на СПАК.
Според соопштението на КЛП учество најавиле од амбасадите на САД, Германија, Обединетото Кралство, Франција и Италија.
По направената селекција утре интервјуа во траење од 45 минути, ќе имаат Аднан Џоли, Долореза Мусабелиу, Елвин Гокај и Клодијан Брахо, по што 11-члениот совет ќе гласа.
Процесот за избор на нов шеф на СПАК се смета за еден од најклучните моменти за продолжување на борбата против корупцијата и организираниот криминал во земјата, додека се очекува обемното дипломатско присуство да ја нагласи важноста и транспарентноста на овој процес.
На оваа функција во изминатите три години, колку што трае мандатот, без право на реизбор, беше Алтин Думани, кому мандатот му завршува на 18 овој месец. Пред него, шеф на СПАК беше Арбен Краја, кој беше избран 2019 година кога и беше формирана оваа институција, која има силна поддршка од САД.