Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, заедно со вицепремиерот и министерот за транспорт Александар Николоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински, во рамки на „Каде што срцето е дома“ денеска ја посетија општина Ѓорче Петров, каде извршија увид на градежните активности на еден од седумте проекти кои Општината ги реализира со средства одобрени од првиот јавен повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти.
Како што информираше градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски, се работи за пробивање на целосно нова траса со должина од 180 метри која ќе ги поврзе улиците „Сремски фронт“ и „Социјалистичка зора“.
– Присуствуваме на значаен проект за Општина Ѓорче Петров, а тоа е за првпат поврзување на улиците „Сремски фронт“ и улицата „Социјалистичка зора“‘, проект којшто реализира со средства одобрени од првиот јавен повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти од страна на Владата на Република Македонија, со вредност од околу 8,5 милиони денари. Се работи на пробивање на целосно нова траса со приближно 180 метри на која што ќе биде изведено целосно нов коловоз, со целосна нова подземна инфраструктура, канализација, нови пешачки патеки и тротоари, рече Стојковски.
Во првиот јавен повик, министерот за локална самоуправа Перински истакна дека Општина Ѓорче Петров има аплицирано со седум проекти, додека во вториот јавен повик со 17 проекти. Додаде дека неговите очекувања се Општината да аплицира со уште толкава бројка на проекти.
– Ние како Влада, не само декларативно, туку и суштински сме поставени како партнери на локалните самоуправи затоа што сме цврсто убедени дека не постои силна држава без силна локална самоуправа. Во првиот јавен повик Општина Ѓорче Петров аплицираше со седум проекти, во вториот јавен повик аплицираше со 17-тина проекти, очекуваме барем уште толку да има. Јас сум убеден дека Ѓорче Петров, како и сите останати општини локални самоуправи, за многу кратко време ќе бидат многу поубаво место за живеење, рече Перински.
Премиерот Мицкоски, пак, нагласи дека добро е што во Македонија се гради, бидејќи, според него, седум години земјава била разградувана и уништувана.
-Македонија се гради, и тоа е добро. Добро е, бидејќи седум години Македонија се разградуваше, се уништуваше, се понижуваше и омаловажуваше. Нешто што сега е поинакво, и тоа е добро. Јас немам што да додадам на тоа што претходните говорници го кажаа, само да им честитам на луѓето коишто ќе го користат овој проект, рече Мицкоски.