Скопје Кисела Вода

Ѓорѓиевски на увид во два нови паркови

Во двата паркови поставивме нова урбана опрема, ги осветливме и се потрудивме преку нови дрвца и зеленило да креираме удобен амбиент за сите посетители, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски на увид во два нови паркови

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес беше во обиколка на парковите во населбата 11 Октомври. Најпрво го посети новоизградениот парк на улицата „Пушкинова” кој се протега на површина од околу 1100 квадратни метри.

Општина Кисела Вода тука постави детско игралиште со современи реквизити за игра и забава, повеќе реквизити за фитнес на отворено, урбана опрема и осветлување, а истите се опкружени со дрвца и парковско зеленило.

Извршен беше и увид во паркот „Пушкин” кој исто така доби ново современо детско игралиште. Постоечките реквизити беа реновирани и дополнети со нови кои ја поттикнуваат детската имагинација и нудат повеќе можности за игра. И во овој парк е изградена фитнес зона која жителите ќе можат да ја користат за спортување и рекреација. Секако, и овде не изостана новата урбана опрема и зеленилото кое се очекува да привлече многу посетители во претстојните топли денови.

-Продолжуваме со посветено и континуирано инвестирање во унапредување на јавниот простор и квалитетот на живот на нашите граѓани од кои досега, само во овие две години на територија на општина Кисела Вода, произлегоа преку 15 паркови и спортско рекреативни центри. На оваа мапа додаваме уште две локации, првата е новиот парк лоциран на улицата “Пушкинова”, кој на 1100 метри квадратни нуди бројни содржини. Децата добија модерен простор за игра, а очекувам дека ќе го користат и рекреативците кои ќе можат да спортуваат на новопоставените фитнес справи. Инвестиравме и во паркот „Пушкин” кој е фреквентна локација посебно во пролетниот и летниот период. И тука изградивме детско игралиште, а постоечките реквизити ги освеживме, а исто така и тука ќе може да се спортува на отворено во новата фитнес зона. Во двата паркови поставивме нова урбана опрема, ги осветливме и се потрудивме преку нови дрвца и зеленило да креираме удобен амбиент за сите посетители, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

To top