Република И угостителите се радуваат

Крушево атрактивно за посетителите, снегот ја продолжува зимската сезона

Неопходно е проширување на капацитетите за сместување што ги нуди градот. Моментално Крушево располага со околу 1000 легла во хотелското и приватното сместување.

Крушево атрактивно за посетителите, снегот ја продолжува зимската сезона

Општина Крушево задоволна од текот на зимската сезона и посетеноста на градот. Иако на почетокот на сезоната и за празниците немаше снег, сепак капацитетите и во хотелското и во приватното сместување беа речиси исполнети. Новиот снег уште повеќе го зголеми интересот на гостите зимава да се биде во Крушево.

-Крушево останува атрактивна дестинација. Исполнетоста на капацитетите е преку 90 проценти. Иако за празниците и зимскиот распуст немаше снег, сепак се бараше легло повеќе и можност да се престојува во Крушево. Новиот снег е добредојден. Може да се користат авантуристичкиот парк, скијалиштето, жичарницата. Се најавија посетители да дојдат, а и спортски екипи. Освен тоа, деновиве во крушевското основно училиште „Никола Карев“ беше промовиран биатлонот како спорт и олимписка дисциплина, а меѓу младите има заинтересираност.  Секако, како локална самоупорава мора постојано да работиме на збогатување на понудата, зашто Крушево е атрактивно во сите четири сезони, вели Томе христоски, градоначалник на Крушево.

И угостителите му се радуваат на новиот снег.

-Без разлика на снегот, во почетокот на сезоната и за празниците, посетеноста беше одлична. Во хотелите беше со преку 80 насто исполнетост на капацитетите со гости. Главно се наши државјани, но имаме и странци. Крушево има што да понуди, а интересот уште повеќе се зголеми со новиот снег. На ски –терените има добра понуда, тука е адреналинскиот парк, а и прошетките и посетата на историските знаменитости се привлечни за туристите и гостите. Едноставно, посетителите уживаат во природата и чистиот воздух, Фанче Чонеска, угостителски менаџер.

Квалитетот на услугите е добар според побарувачката на посетителите и стандардите велат од здружението „Фил Крушево“.  Неопходно е проширување на капацитетите за сместување што ги нуди градот. Моментално Крушево располага со околу 1000 легла во хотелското и приватното сместување.

-Зголемувањето на интересот на посетителите да бидат во Крушево и повторно да се враќаат, укажува дека се задоволни со услугата. Меѓутоа тоа значи и дека е потребно да се прошират капацитетите. Барем 200 до 300 легла ќе значат многу повеќе за прифаќањето на гостите, вели Лефкија Гажоска од здружението „Фил Крушево“. (МИА)

Најнови вести од Република

To top