Две лица го загубија животот на грчкиот остров Лимнос, во невремето „Бора“ што од вчера ја зафати Грција, а Лимнос заедно со Родос се најпогодени, иако проблеми има и во други делови на земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Во поплавено село на островот Лимнос, вчера животот го загубија две лица, а голем дел од жителите беа евакуирани.
На Родос најпогоден беше градот Иалисос каде што улиците беа целосно поплавени, а според надлежниот префект Јоргос Хаѕимаркос биле спроведени десетици спасувачки акции, а предизвикана е материјална штета на домови, бизниси и на патната инфраструктура.
Rhodes devastated by Storm Bora! 💔 Unprecedented rainfall caused major road damage, triggering a traffic ban. More rain expected. Stay safe, Rhodes! #Rhodes #Greece #StormBora #flooding @SouthAegeanRegion pic.twitter.com/fr2hsHIsh7
— Greek City Times (@greekcitytimes) December 1, 2024
Проблеми има и во централниот и северниот дел на Грција, во Тесалија и на Халкидики, каде што исто така имаше поплавени улици.
Од бројот 112 за итни случаи во изминатите 24 часа беа испратени низа предупредувачки пораки во повеќе области на земјата, на островот Родос информираа дека е воведена забрана за движење со возила поради штетата предизвикана на патната инфраструктура, а од оние што се наоѓаат во конкретни населби на Халкидики, во Солун, Лариса, како и во Платамона, Лептокарија, Скотина и Неи пори беше побарано од граѓаните да ги ограничат нивните движења.
Противпожарната служба на Грција од вчера претпладне до утрово во 5.30 часот примила 1.076 повици за помош, од кои 600 биле на Родос, додека пак од Атина за островот заминале 35 пожарникари со два спасувачки чамци, а на Лимнос биле испратени 25 пожарникари.
Според прогнозите од Националната метеоролошка служба на Грција невремето во одредени делови на земјата ќе трае до понеделник, а од противпожарната служба испратија апел до граѓаните „да бидат особено внимателни и при појава на интензивни временски појави, да ги следат упатствата на надлежните органи“.