Обилните дождови кои во текот на ноќта зафатија поголем дел од Босна и Херцеговина донесоа апокалиптични сцени од поплави во повеќе градови од земјата.
Поплавени се улици и станбени објекти во Јабланица, Кисељак, Крешево, Бусовача и Фојница. Состојбата во Јабланица беше најлоша, судејќи по снимките и фотографиите.
Потврдено е дека во Јабланица загинале најмалку 14 лица, а министерот за одбрана на Босна и Херцеговина изјави дека на тоа место се исчезнати околу 20 лица. Во Фојница почина постара жена.
Спасувачите спасија маж со јаже
Спасувачите имаа голема акција во Бутуровиќ Поље кај Коњиќ. Тие спасувале лице кое било заробено.
Неговата куќа останала на остров кој од сите страни бил опкружен со надојдената вода. Планинарската спасувачка служба Прењ на својата Фејсбук страница објави видео од акцијата.
Како што може да се види на видеото, неколку припадници на спасувачката служба поминуваат со јаже преку расбеснетата вода до лицето кое стоело на парче земја пред куќата.
Прогласена состојба на елементарна непогода
Владата на БиХ прогласи состојба на природна катастрофа поради поплавите и свлечиштата што погодија дел од Федерацијата Босна и Херцеговина, изјави денеска вицепремиерот Војин Мијатовиќ на вонредна прес-конференција на Владата на ФБиХ во Сараево.
Мијатовиќ информира дека е формиран Кризен штаб кој ќе координира со Федералната управа за цивилна заштита.