Регион

Усвоен предлогот за прием на Косово во Советот на Европа, итна реакција од Србија

Предлог-мислењето за барањето на Косово за членство со кое се препорачува прием на Косово во Советот на Европа на денешната седница во Стразбур го поддржаа 131 пратеник, а 29 гласаа против.

Усвоен предлогот за прием на Косово во Советот на Европа, итна реакција од Србија

По веста дека Парламентарното собрание го усвои предлогот за прием на Косово во Советот на Европа, со реакција се огласи српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ кој изјави дека „денеска е ден на срамот во Парламентарното собрание на СЕ, бидејќи за прв пат во историјата препорачано е членството на нешто што не е држава, кое не ги исполнуваат основните услови во доменот на човековите права и слободи“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Денес е ден на срамот во Парламентарното собрание на Советот на Европа. За прв пат во историјата се препорачува членство на нешто што не е држава, кое не ги исполнува основните услови во доменот на човековите права и слободи. Напротив, веќе 11 години одбива да формира Заедница на српски општини, што е нивна меѓународна обврска и спроведува политика на терор врз српскиот народ и етничко чистење, се наведува во изјавата на Дачиќ што ја соопшти неговиот кабинет.

Во неа се додава дека „оваа одлука, наметната од силата на меѓународните моќници, се поткопуваат темелите на Советот на Европа и меѓународниот правен поредок“.

-За кој принцип на заштита на територијалниот интегритет ќе продолжат да зборуваат кога го нарушија територијалниот интегритет на Србија?, прашува Дачиќ во реакцијата, порачувајќи дека „ќе ја продолжиме нашата борба со сите сили, ќе се бориме оваа одлука да не биде донесена на Комитетот на министри на 16 мај“.

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) денеска го поддржа приемот на Косово во членството на Советот на Европа и го повика Комитетот на министри да донесе таква одлука. Предлог-мислењето за барањето на Косово за членство со кое се препорачува прием на Косово во Советот на Европа на денешната седница во Стразбур го поддржаа 131 пратеник, а 29 гласаа против.

To top